Влада: Маски, растојание, дезинфекција се задолжителни за сите работни места

Владата на денешната седница усвои Протокол за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на КОВИД-19, што ќе важат за сите работни места и за сите лица на работното место, како што се работодавците, раководителите, работниците, договарачите, клиентите и посетителите.

Како што соопшти владината Прес-служба, Протоколот вклучува мерки кои се однесуваат на личната хигиена и заштитна опрема, препораки за респираторната хигиена и физичкото дистанцирање во работните простории, како и за редуцирање на патувања поврзани со работата, како и посебна организација кога е неопходно да се спроведат.

– Протоколот за превентивни мерки за сите работни места за спречување на пренесувањето на КОВИД-19 опфаќа и препораки и мерки за редовно чистење и дезинфекција на работната средина, постојана комуникација, обука и едукација за ризици, како и постапки кога е потребно менаџирање на вработените кај кои се појавуваат симптоми што одговараат на КОВИД-19, се додава во соопштението од 60-та седница на Владата.

Владата ја донела и Уредбата со законска сила за примена на Законот за одбрана за време на вонредна состојба со која се уредува надлежноста за донесување на одлуки за упатување на активниот воен и цивилен персонал, припадниците на резервните сили на Армијата и вработените во Министерството за одбрана, за учество на вежби, обука, во хуманитарни операции, меѓународни операции, во мисии и операции на НАТО, во примената на правото на индивидуална или колективната самоодбрана, како и во операции за кризен менаџмент и кооперативна безбедност, надвор од територијата на Републиката.

– Оваа уредба се донесува и заради тоа што според Законот за одбрана одлуки за учество во меѓународни воени операции надвор од територијата на државата донесува Собранието на Република Северна Македонија, а бидејќи тоа е распуштено, единствениот начин во овие услови за донесување на одлуки за упатување на воен и цивилен персонал во меѓународни операции, Министерството за одбрана непречено може да ги извршува само со донесување Уредба со законска сила за примена на Законот за одбрана за време на вонредна состојба, се додава во соопштението.

На денешната седница, Владата го разгледала и шестмесечниот извештај од надзорот над функционалноста на Автоматскиот компјутерски систем за управување со судски предмети (АКМИС) во судовите за 2019 година, со вклучени препораки на Комисијата за надзор на примената на одредбите од судскиот деловник.

Во соопштението се додава дека оваа 60-та владина седница ќе продолжи утре.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e