Величествен, трогателен и длабок – магазинот „Скрин интернешенал“ со одлична рецензија за „Врба“

Eден од најголемите светски филмски магазини „Скрин интернешенал“ објави одлична рецензија за „Врба“ на Милчо Манчевски.

„Величествено, карактерно раскажување“ е оценката на „Скрин“, кој за филмот пишува по фестивалот во Талин, каде „Врба“ играше во програмата „Потписи – најнови филмови на велемајсторите“.

Критичарот Деметриос Матеу вели дека „Врба“ е „еден од оние филмови кои се чинат лабави додека ги гледаш, но кои допираат до сржта и остануваат таму, трогателни и длабоки“. Тој вели дека „Врба“ го следи структурниот заштитен знак на режисерот – збирка приказни, кои го премостуваат времето и местото, а сепак се поврзани на некој начин.

„Влијанието од првата приказна паѓа врз Сара Климоска, особено нејзиното лице во крупен план, кое пренесува доволно надеж, копнеж, радост и жалост за цел филм. Со нејзината улога, еднакво експресивната Теодосиева се чини огромен талент, не помалку и како комичарка, а Тоциновски му дава моќ на филмот кон изненадувачкиот расплет“, вели „Скрин“.

Критичарот вели и дека продукцијата е за пример, а кинематограферот Тамаш Добош особено буди треперење и романса во изобилниот дожд во филмот.

„А префинетата музика на Кирил Џајковски, со влијанија од македонската народна музика, поттикнува емоции секојпат кога ќе засвири“, вели „Скрин“.

Магазинот вели дека филмот ќе биде привлечен за меѓународната уметничка публика поради „универзалната тема, возбудливото раскажување и можноста што Манчевски им ја дава на трите префинети актерки“.

Исто така, за време на фестивалот во Талин, најтиражниот естонски весник „Постимеес“ го вброи „Врба“ меѓу топ 5 филмови што треба да се видат, нарекувајќи го „многу хумана и мајсторски изведена приказна што го одзема здивот“.

Филмот на Манчевски во Македонија продолжува да ги руши рекордите на гледаност. Oд продукцијата ги повикуваат гледачите да побрзаат да го гледаат „Врба“, бидејќи наскоро си оди од македонските киносали, а животот му продолжува на светските филмски фестивали и кинодистрибуција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e