Спасовски: Состојбата е под контрола, засега нема потреба од карантински мерки

Сите епидемиолошки анкети се направени во овој момент, на тоа се должи тврдењето дека ситуацијата е под контрола. Владата е во постојано заседание, секој момент ако се процени дека има потреба од преземање на дополнителни рестриктивни мерки, тоа ќе го направиме, затоа што е важно тие мерки коишто ќе ги поставиме да носат резултати и да бидат ефективни, изјави во интервју за Телевизија 24, премиерот Оливер Спасовски.

Тој во однос на несоработката на одредени граѓани при спроведувањето на епидемиолошките анкети, наведе дека е почетокот на кризата имаме состојби во кои одредени граѓани не соработуваат добро со епидемиолошките служби, меѓутоа тоа не е правило, туку напротив, како што посочи, секаде има некакви исклучоци.

На новинарското прашање дали се доцни со воведување на карантински мерки во општините во кои има заболени лица, со оглед на тоа што се високи бројките на заразени лица, а нема никакви рестрикции, Спасовски нагласи дека апсолутно не станува збор за доцнење со воведување на мерки.

– Ние разговараме често и на седниците на главниот Штаб заедно со Комисијата за заразни болести, на Влада… Овој предлог беше ставен на маса веднаш, значи апсолутно не станува збор дека некој доцни со одлуката, односно Владата, или Комисијата, како предлог. Тоа што е на терен моментално, целата состојба е под контрола, во смисла на дефинирањето на сите кластери. Ако погледнете во Скопје на пример, имаме најголем број на заболени Сарај, Чаир и Општина Гази Баба, сите тие кластери се ставени под контрола дури и денешните бројки, кои се над 30 во Скопје, потекнуваат токму од тие семејства коишто биле во изолација. Во Штип исто така ситуацијата е целосно под контрола, потнцираше техничкиот премиер.

Во однос на тоа дали се планирааат карантински мерки во општините каде има поголем број заболени лица, Спасовски рече дека во овој момент во Сарај ги следат анализите, вчера, како што наведе тој, имаше само двајца заболени во оваа Општина, таму целосно се извршени сите тестирања на тие кластери и ако вака се одвива ситуација ќе нема потреба од воведување на карантин.

– Доколку почнат да паѓаат бројките, тоа е заклучокот и на Комисијата, во наредните две до три дена тогаш нема потреба од воведување на рестриктивни мерки. Доколку имаме зголемување на тие бројки секако дека се размислува за воведување на карантински мерки за одредени подрачја, посочи техничкиот премиер.

На новинарското прашање дали може повторно во Скопје да биде воведен полициски час или карантин, Спасовски рече дека сите опции се отворени.

– Сега засега мислиме дека ако вака се развива состојбата, само во тие неколку општини и во познати кластери, ќе немаме потреба за таква работа, меѓутоа доколку добива интензитет развојот на настаните во друга насока тогаш е можно да се носи одлука за рестрективи мерки. Без разлика дали е тоа Скопје, Штип или друга општина, истакна техничкиот премиер.

Во однос на тоа кое е неговото мислење за причината за зголемувањето на бројот на заболени, Спасовски нагласи дека кај нас луѓето не ги почитуваа целосно мерките, оние за заштита, за групирање.

– Имаме околу 85 отсто кои ги почитуваат, но има и такви кои не се одговорни. Имавме кршење на полициски час, дел од луѓето се уште не веруваат дека вирусот постои, и сето тоа влијае. Исто како што имавме инертно однесување на МВР, односно јавен настап на Наќе Чулев во кој кажа дека нема да ги казнува граѓаните кои не почитуваат мерки. Јас се обидувам да ги наведам причините кои го зголемуваат бројот на пациенти. Исто така имаме масовно тестирање во некои средини, како Тетово, како Штип, и затоа имаме нов број заболени, но тоа ќе се намалува деновиве. Како и да е, ситуацијата е под контрола. Но, ние секако мораме да сме поодговорни и посвесни за ризиците, изјави Спасовски.

Тој објасни дека сите мерки за функционирање на системот се на сила и дека сега се е во одговорноста на граѓаните.

– За да немаме вакви случаи во иднина, Комисијата за заразни болести издаде многу протоколи, за сите сфери во стопанството, кој како да работи и како да се однесува. Ако бидеме принципиелни и ги почитуваме протоколите секако дека самите ќе спречиме ширење на вирусот. Контролата дали се почитуваат мерките во овие моменти мора да биде најсилна. Владините мерки се однесуваат на сите, како на пример мерката да не се групираме повеќе од двајца. Ако некој не ја почитува мора да биде санкциониран. Ако нема казни за литијата во Струга, тогаш се охрабруваат и други граѓани да не почитуваат мерки и да се групираат. Едноставно, со почитувањето на мерките ги намалуваме ризиците, заклучи Спасовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e