Претседателот Стево Пендаровски ја продолжи официјалната посета на Србија, со престој во Нови Сад каде учествуваше на 4. Регионален младински форум.
Како што јави дописникот на МИА, тој се обрати на претседателскиот панел „Обраќање на младите пред претставниците на власта: Презентирање на политичкиот дијалог пред милениумците“, заедно со претседателите на Србија и на Словенија, Александар Вучиќ и Борут Пахор.
– Потребно е менување на менталниот склоп во регионот. Наместо да чекаме пораки од Брисел и големите центри, да ја донесеме ЕУ во регионот со реформи и економски развој, за младите да останат дома, изјави на панелот Пендаровски, кој упати порака „на младите да им се овозможи првата шанса за работа да ја добијат дома, за што е и реализацијата на иницијативата за т.н. Мал Шенген.“
Српскиот претседател ги посочи бројките на иселување на младите во целиот регион кои се алармантни.
– За да ги задржиме младите треба да им се понуди перспектива, со добра политика и раст на економијата со високи плати, изјави Вучиќ, кој исто така посочи дека во таа насока е и иницијативата „Мал Шенген“.
Тој првпат најави и воведување на „трајни дозволи за работа“ во земјите членки на иницијатива Мал Шенген.
На маргините на Форумот, претседателот Пендаровски имаше и билатерална средба со неговиот словенечки колега Пахор.
На средбата беше оценето дека двете земји имаат одлични односи кои се карактеризираат со пријателство и меѓусебно разбирање, а беа разменети и мислења за можностите за понатамошно унапредување и збогатување на соработката во повеќе области од взаемен интерес.
За Северна Македонија не постои друга алтернатива, освен европската интеграција, посочи претседателот Пендаровски. Тој се заблагодари за отворената и конструктивна поддршка од Словенија за аспирациите на нашата земја за членство во ЕУ и во НАТО, којашто беше потврдена со ратификацијата на Протоколот за членство на земјава во Алијансата од страна на словенечкиот Парламент, како и за постојаната поддршка во рамките на Европската Унија.
Пахор на средбата, од своја страна, ги повтори заложбите на Словенија за отпочнување на преговорите на Северна Македонија за членство со Европската Унија. Во таа насока, Пендаровски додаде дека интеграцијата на Северна Македонија, како и на другите земји од Западен Балкан во европските структури ќе биде огромен придонес кон трајна стабилизација на регионот, како и просперитетот на нашите општества.