Пендаровски: Можеме да ги водиме реформите во ЕУ и пристапувањето на С. Македонија паралелно

Нешто помалку од еден месец откако Емануел Макрон стави вето за отпочнување на пристапните преговори помеѓу ЕУ и Северна Македонија, Стево Пендаровски вели дека е подготвен за „вистински промени“, пишува францускиот весник „Ле монд“, кој претседателот го опишува како човек исполнет со надеж дека Европската Унија (ЕУ) сепак ќе ѝ подаде рака на неговата мала земја, но и убеден дека има цврсти аргументи.

„Навистина се чувствува горчина кај населението. Но, тоа не беше одлука на Емануел Макрон, туку на на Европскиот совет“, вели Пендаровски во интервјуто за весникот „Ле Монд“.

Шефот на државата во интервјуто вели дека сите биле уверени дека ќе имаме привилегирани преговори поради решавањето на деценискиот спор за името со соседна Грција.

„Сите беа уверени дека ќе имаме привилегирани преговори. Ние направивме нешто што никој друг не го сторил во историјата на модерната дипломатија. Но, дури ни тоа не беше доволно“, истакнува претседателот.

Пендаровски во интервјуто вели дека одлуката на францускиот претседател далеку од тоа да претставува навреда за Северна Македонија, туку пред сè таа е критика за функционирањето на Европа и за процесот за интеграција на нови земји членки што се смета за многу строг и бирократски.

„Г. Макрон ја критикуваше оваа методологија и тој е потполно во право“, додава Пендаровски.

Претседателот во интервјуто уверува дека ја С. Македонија ја поддржува идејата за трансформација на процесот за пристапување, бидејќи, како што вели, процесот на пристапување навистина го трансформира општеството за приближување кон стандардите на земјите основачи.

„Ние не ги вложуваме сите овие напори за да им се допаднеме на бирократите во Брисел, туку за доброто на нашиот народ. Јас имам 56 години и половина од животот го поминав во авторитарна држава, во поранешна Југославија. Во периодот од 2006 до 2016 година, повторно бевме потчинети на авторитарен режим, во Владата на Груевски“, нагласува Пендаровски споменувајќи го поранешниот премиер Никола Груевски кој е осуден на две години затворска казна поради злоупотреба на службената должност и кој денес е во бегство во Унгарија.

Според него, внатрешната реформа на Европската Унија ќе трае повеќе години, исто како и процесот на пристапување на Северна Македонија.

„Ние можеме да ги водиме двата процеса паралелно. Ние не бараме итно започнување на пристапните преговори“ вели Пендаровски.

Меѓутоа, тој очекува некаков гест во пресрет на предвремените избори, свикани за април 2020 година.

„Сакам да зборувам за агенда со г. Макрон. Балканот е простор на геополитички игри“, заклучува претседателот Пендаровски, истакнувајќи дека во отсуство на перспектива за пристапување во НАТО и во ЕУ, други сили би можеле да бидат заинтересирани за „пополнување на празнината“ во регионот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e