Нема целосна забрана за работа на малите продавници в недела, газдите може да работат

По обновената дискусија за прогласувањето на денот недела за неработен ден на социјалните мрежи и во дел од медиумите, каде што се вклучија и дел од политичарите, ЦИВИЛ побара појаснување од Министерството за економија.

Дел од корисниците на социјалните мрежи и политичарите се побунија дека, наводно, „останале гладни“ во неделата.

Прашањата до Економија се однесуваа на тоа кои продавници и трговци смеат да работат во недела и под кои услови, како и тоа дали смеат да работат продавниците во туристичките места, каков тип на продавници и под кои услови.

„Трговија на големо и трговија на мало не може да се вршат во недела, како и на државни празници и други празници кои се определени како неработни денови согласно закон“ – одговорија експресно од Министерство за економија.

Понатаму, од министерството појаснуваат во кои случаи постои исклучок. Трговијата на мало може да се врши само:

во специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност;
во продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун ;
во продавници, киосци и штандови во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 м2;
на штандови и киосци каде што се продава добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела;
во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата (во недела може да работи само сопственикот, а не и останатите вработени во трговскиот објект) и
на зелени пазари.
Со други зборови, газдите на малите дуќани може да работат (исклучок под реден број 5), но затоа работничките и работниците може да одмараат.

Овие прашања се разгледуваат и во ЦИВИЛ од аспект на социјалната правда.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e