Филипче: Младите лекари вклучени во креирањето здравствени политики

Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со специјализантите и младите лекари од Општата болница, Здравствениот дом, Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ и Специјалната болница за ортопедија и травматологија „Свети Еразмо“ од Охрид.

Средбата беше искористена за запознавање со мерките што се спроведуваат во рамки на Министерството, како и да се слушна предлози и мислења на лекарите во насока на унапредување на здравствениот систем.

-Младите здравствени работници активно се вклучени во креирањето на здравствените политики, затоа што само тие можат да кажат кои мерки и политики се најдобри за младите специјализанти, лекари, медицински сестри. Изминатиот период направивме многу за да ги мотивираме и да бидат задоволни од својата работа. Спроведовме низа активности. Со измените кои ги направивме во Законот за здравствена заштита, го сменивме времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршување на специјализацијата во траење еднакво на должината на траењето на специјализацијата, како и намалувањето на висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако предвреме ја напушти установата, потенцираше министерот Филипче, истакнувајќи дека е напуштено времето на како што истакна „лихварски договори“.

Како што рече, за четиригодишниот период 2019-2022 одобрени се илјада специјализации и супспецијализации, како и платен труд за приватните специјализанти се платени за својот труд. Истовремено е дадена согласност за пет илјади вработувања во здравстввениот систем.

Според Филипче, направени се напори за соодветно вреднување и мотивирање на младите лекари, се со цел да се почувствуваат дека се дел од тимот, од системот.

-Отворивме можности секој млад здравствен работник својата иднина да ја гледа во јавното здравство. Сега, веднаш по добивањето на лиценца, вратите на младите им се отворени за работа со пациенти. Согласно измените во Законот за здравствена заштита тие треба да поминат на работа шест месеци во јавните установи во дејностите на итна медицинска помош, патронажна дејност и поливалентна патронажа“, рече министерот Филипче.

Кога станува збор за примањата на здравствените работници, министерот потсети дека за 40 проценти се зголемени платите на лекарите специјалисти, од 20 до 23 проценти на медицинските сестри, покачување на платите на општите лекари до 25 отсто.

-Со вистинските здравствени политики ќе продолжиме и во следниот период. Инвестирањето во младите е најважно, затоа што тие се иднината во јавното здравство. Продолжуваме со зголемувања во платите и надоместокот за дежурства, подобрување на условите во здравствените установи и набавување на најсовремена медицинска опрема, истакна Филипче.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e