Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Ефектите на судските постапки од работен спор врз буџетот на државата“, со цел да се оцени „дали надлежните институции воспоставиле ефикасни механизми и системи за управување со работните спорови, и дали се преземаат соодветни мерки за намалување на нивните финансиски импликации врз буџетот на државата“.
Ревизијата утврди дека државата нема воспоставено ефикасен и системски пристап за управување со работните спорови, што се одразува со континуиран раст на бројот на предмети во работа и финансиски импликации врз Буџетот на државата. Бројот на предметите во работа се зголемил од 9.361 предмет во 2021 година на 24.556 предмети во 2025 година.
Со цел прибирање на податоци за исплатите по основ на судски постапки од работен спор, ревизијата побара и обезбеди податоци од институциите застапувани од Државното правобранителство на Република Северна Македонија (ДПРСМ).
Од 85 институции до кои беше доставено барање, податоци доставија 69 институции, при што 12 од нив известиле дека во анализираниот период немале исплати по основ на работни спорови. Врз основа на анализата на податоците од институциите застапувани од Државното правобранителство, ревизијата утврди дека во периодот 2020–2025 година се исплатени вкупно 3.971.570 илјади денари, односно 64.369.000 евра, по основ на судски постапки од работен спор. Од вкупно исплатените средства, 95,36% се исплатени по пат на налози за извршување, а 4,64% по пат на доброволна исплата.
Во структурата на исплатените средства, главниот долг изнесува 2.049.648 илјади денари односно околу 33.219.570 евра или (51,61%), додека 1.921.922 илјади денари, односно околу 31.149.460 евра или (48,39%) се однесуваат на камати, трошоци на парнична постапка и извршни трошоци.
Ревизијата утврди дека ваквите финансиски импликации се должат и на слабости во системот за управување со работните спорови.
Постојната законска и подзаконска регулатива не обезбедува целосно усогласен и функционален систем за управување со работните спорови. Утврдените недоречености и неусогласености создаваат различни толкувања и нееднаква примена на прописите, а не постојат ниту системски механизми за анализирање на причините за поведување на работните спорови и иницирање соодветни измени на законската рамка.
Во најголем дел од институциите не е воспоставен системски пристап за следење и анализа на причините за поведување и исходот на работните спорови, а примената на алтернативните начини за нивно решавање е ограничена. Дополнително, Државното правобранителство претежно има реактивна улога, насочена кон застапување во судските постапки, без доволно развиена превентивна и советодавна функција.
Постојниот начин на евидентирање на предметите и извршување на плаќањата не обезбедува доволно аналитички и структурирани податоци за целосно следење на вкупните обврски и нивната структура, што ја ограничува можноста за ефикасно управување со финансиските ризици.
Со препораките дадени во извештајот, Државниот завод за ревизија укажува на потребата од воспоставување ефикасен систем за управување со работните спорови, подобрување на законската рамка, унапредување на евиденцијата и аналитичкото следење на предметите, како и зајакнување на механизмите за управување со финансиските импликации врз Буџетот на државата.
