Ако потрае кризата, ќе доцнат и платите

Дел од експертите сметаат дека неопходен ќе биде ребаланс на буџетот, но тоа во моментов е технички неизводливо, оти Собранието не е конститутирано. Засега доцнат некои социјални трансфери, но ако кризата продолжи може да се намалат приходите во буџетот, а тоа да се одрази на платите, пишува Радио Слбодна Европа.

Доцнењата на дел од социјалните трансфери што се поврзуваат со оддолговлекувањето на политичката криза, предизвикаа стравувања кај граѓаните дека тоа би можело да повлече и доцнења на платите и пензиите. Некои економски аналитичари велат дека неисплаќањето на обврските на државата кон одредени субјекти е предизвикано од нефункционирањето на институциите, а не поради лошата состојба на буџетот.

„Ако се погледнат податоците за првите два месеца коишто ги објавува Министерството за финансии може да се види дека вкупните приходи во буџетот се на исто ниво како лани, дури има и мал пораст од 0, 2 проценти што пак покажува дека и покрај кризата буџетот се уште нема некои големи последици. Исто така кога се гледаат одделните приходи ќе забележите дека има раст кај даночните приходи, најмногу кај данокот на добивка, што пак, потврдува дека буџетот не е во толку лоша ситуација“, изјави економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Сепак тоа не значи дека доколку кризата продолжи и во наредните неколку месеци нема да има некакви посериозни последици, односно тоа значи дека веројатно ќе се намалат приходите во буџетот, предупредува Јовановиќ.

Според економскиот аналитичар Висар Адеми пак, зависноста на државата од кредити со кои се покриваат тековните трошоци влијае на ликвидноста на буџетот, особено ако тоа го прави техничка влада.

„Не би ме чудило ако во следната фаза на кризата влеземе со немање пари за да се подмират сите обврски кон државната администрација и доцнење на платите. Затоа треба час поскоро да заврши оваа криза, да имаме стабилна влада која во краток рок би можела да ги подмири краткорочните обврски, но секоја следна влада треба да се задолжи повеќе за да имаме развојна економија, а не само да инвестира во плати и покривање на буџетскиот дефицит“, смета Адеми.

И покрај ветувањата во јавноста веќе неколку недели доцнат и земјоделските субвенции, а буџетскиот дефицит се продлабочува. Дел од експертите сметаат дека неопходен ќе биде ребаланс на буџетот, иако според Јовановски во овој момент тоа би било технички неизводливо.

„Доколку има смена на власта да, тогаш очекувам ребаланс на буџетот, но не поради тоа што буџетот е во лоша ситуација, туку поради тоа што очекувам да има промени во однос на владините политики. Новата влада веројатно ќе има нови приоритети и политики коиштио ќе се разликуваат од оние кои ги зацртала оваа влада, а не поради лошата кондиција на државната каса“, вели Јовановиќ.

Според Адеми пак од финансиското менаџирање на новата влада ќе зависи натамошниот развој на економијата.

„Ако продолжи политичката криза тогаш може и кредитниот рејтинг на Македонија да падне, тогаш ќе се задолжиме со уште повисока каматна стапка, а ако јавниот долг се зголеми до 100 проценти од брутодомашниот производ тогаш не ни останува ништо друго, освен да банкротираме“, заклучува Адеми.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e