Стојковска: Синдикатот на МЗТ Леарница презеде чекори за уништување на фирмата, за штетите ќе се преземат правни мерки

Генералната директорка на МЗТ Леарница Скопје ги негира причините за штрајкот на вработените. Таа наведува дека штрајкот се случува поради ниското остварување на бизнис планот од нивна страна, како и ставањето крај на крадењето, неквалитетот, непочитување на наредбите како и на високите плати кои не соодветствуваат со степенот на образование.

1. МЗТ Леарница АД Скопје е акционерско друштво каде осум акционери се правни лица, а само еден е физичко лице. Управувањето се спроведува преку акционерското собрание и Одборот на директори, а раководењето е преку менаџерски тим. Според тоа, не постои поединечен сопственик или т.н. газда, што претставува тенденциозно тврдење за манипулативни цели.

2. Причините за штрајкот не се ни приближно тие што се наведуваат.

3. Во МЗТ Леарница АД Скопје и порано во минатото имало доцнење и неисплатени плати за подолг период и во многу поголем износ.

Така, МЗТ Леарница АД Скопје во периодот од 1995 до 2005 година немаше уплатено придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Неисплатените придонеси, персоналниот данок и каматата по истиот (350.000,00 евра) се платени во текот на 2006 и 2007 година.

4. Вистинската причина за штрајкот е сосема различна. Одборот на директори и менаџментот јасно им ставија до знаење на синдикатот и вработените дека времето на неодговорност, некомпетентност, уцени, манипулации е завршено, дека ќе дојде нов инвеститор кој ќе изврши строга селекција на сите вработени по сите основи и дека само оние што можат да ги исполнат строгите критериуми и ќе бидат во можност да ги исполнат плановите по обем, рок и квалитет, ќе можат и понатаму да работат во МЗТ Леарница АД Скопје. Значи главниот проблем е во ниското остварување на бизнис планот.

5. Праксата на неодговорност, уцена пред секоја испорака на стоката, неквалитет, доцнење на испораките, непочитување на наредбите, искористување на работното време од околу 50 проценти, намерното уништување и оштетување на постројките, крадење на производи, модели и резервни делови се ближеше пред својот крај. Ова исто така се однесува и на високите плати ( до 45.000,00 денари во производство), несоодветни за тој вид на работа и образование. Ваквата состојба досега се толерираше поради две причини:

а) недостатокот на соодветен кадар и тешкотии за обезбедување на истиот (а и тој што ќе се обезбедеше беше приморан да замине под притисок од вработените)

б) поради обврските кон купувачите и настанатите штети заради неиспорака на производите, која во најголем дел беше авансно платена.

6. Со оглед дека МЗТ Леарница АД Скопје беше во преговори со сериозни стратешки партнери и се планираше транзицијата да се спроведе во летните месеци, како и да се поправи оштетената опрема, синдикатот на потполно незаконски начин, без одлука превзеде чекори кои не водат до никакво решение на нивните барања туку уништување на фирмата и шансите за нејзиното преструктурирање.

И протестите пред институциите, притоа вршејќи невиден притисок врз нив да се најде вина, само ги отсликуваат нивните јасни намери. Неформирањето на штрајувачки одбори и недоставувањето на список за оние што штрајкуваат исто така сосема јасно ги потврдува нивните намери..

7. Раководството и менаџментот преземаат мерки за извршувањето на неопходните поправки и МЗТ Леарница АД Скопје ќе продолжи да работи веднаш штом опремата се доведе во нормална состојба.

8. МЗТ Леарница АД Скопје за сета нанесена штета ќе преземе правни мерки против оние што ја предизвикале оваа состојба и таа мора да има правна завршница..

Детални информации за јавноста и вработените ќе објавиме после завршувањето на контролите од страна на институциите, пишува Виолета Стојкоска, генерален директор на МЗТ Леарница.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e