Нов деловен тренд – Амазон воведува работно време од 30 часа неделно

Најголемата светска компанија што се занимава со електронска трговија, Амазон, лансираше пилот проект во кој техничките тимови во компанијата, наместо да работат со полно работно време од 40 часа, ќе работат вкупно 30 часа седмично. Членовите на тимот, ќе имаат фиксно работно време од понеделник до четврток од 10 до 14 часот, а останатите работни часа ќе можат да ги одработат флексибилно, по сопствен избор. 

Амазон има многу вработени кои работат со половина работно време, но новитет во овој случај е што сите членови на тимот ќе работат 30 часа, вклучително и менаџерскиот тим. Членовите на тимот ќе ги имаат сите права како вработените со полно работно време и ќе добиваат 75% од износот на платата што ја примаат оние со полно работно време. Како што известуваат од компанијата, секој од вработените вклучени во оваа програма, имаат можност самостојно да преминат на полно работно време.

Според статијата објавена во Вашингтон Пост кој е во сопственост на извршниот директор на Амазон, Џеф Безос, целта на овој пилот проект е да се создаде работна средина со помал број на работни часови кои понатаму ќе поттикнуваат успех и напредување во кариерата. Веднаш во медиумите се појавија претпоставки дека иницијативата за 30 работни часови претставува продолжување на контролата на штетата, откако минатата година Њујорк Тајмс објави контроверзна статија во која Амазон беше опишан како немилосрдна работна средина во која голем број на вработени брзо “горат” заради прекумерниот работен стрес. Сепак, возможно е идејата за намалено работно време да е поттикната од голем број актуелни прашања, кои се поврзани со иднината на вработувањето во однос на технолошкиот напредок.

Новинарските статии во кои се истражува кои работни места ќе исчезнат како резултат на овој напредок, стануваат секојдневие. Сè поголем е бројот на оние што тврдат дека автоматизацијата и роботизацијата ќе ја намалат потребата за работна сила и дека ваквиот тренд во иднина само ќе се зголемува. Овој пилот проект на Амазон, можеби е обид да се даде одговор на ваквите трендови.

Намалувањето на работното време може да има и позитивни ефекти врз вработувањето на жените и развојот на нивните кариери, овозможувајќи им баланс помеѓу обврските на работното место и грижата за децата и семејството.

Од Амазон за Вашингтон Пост изјавија дека немаат намера да го прошират концептот за скратена работна седмица врз цела компанија, но сепак ваквиот потег би можел да ги поттикне и останатите компании да експериментираат со моделите за намалување на работните часови.

Ознаки:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e