Буџетот на РКЕ во 2020 година ќе изнесува околу 86 милиони денари

Собраниската комисија за економски прашања на денешната седница ги разгледа Предлог финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за 2020 година и Предлог одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход за финансирање на работењето на РКЕ за 2020 година и заклучи да му предложи на Собранието да ги разгледа и усвои двата предлога.

Како што информира претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, вкупниот буџет за работење на Регулаторот во 2020 година е предвидено да изнесува околу 86 милиони денари што претставува зголемување од 3,52 отсто во однос на 2019 година. За процентот на зафаќања истакна дека се намалува во последните две години и тоа за 5,5 отсто во 2019 година и за 1,71 отсто во 2020 година, кога ќе изнесува 0,046 отсто.

Најголемо зголемување во Предлог финансискиот план, посочи Бислимоски, има кај ставката плати и надоместоци за 3,64 отсто заради потребата од нови вработувања.

– Четворица кои порано беа вработени во РКЕ, меѓу кои и јас, сега се членови на Комисијата и се неопходни нови вработувања на нивните места. Покрај тоа, пет вработени во 2020 година ќе го исполнат условот за пензионирање и треба да дојдат нови луѓе на нивно место. Исто така, немаме сектор за формирање на тарифите за цените на водни услуги. Тоа го работеше комисија, но се зголемува обемот на работа, а покрај тоа од следната година ќе добиеме и надлежност за одредување цени за отпад, рече Бислимоски и додаде дека не може 18-те вработени во РКЕ да се справат со сите обврски.

Во ноември, како што кажа, е објавен оглас за нови осум вработувања во РКЕ и додаде дека се надева оти ќе биде успешен, бидејќи досега неколку пати им пропаѓале огласите.

Зголемување на планираните на трошоци, додаде, има и во делот на репрезентација и бифе, за службени патувања и патни трошоци за постојаните усовршувања на членовите на РКЕ во Здружението на регулаторни тела – ЕРА, Школата за регулаторни тела во Фиренца и во Енергетската заедница, како и за консултации со експерти од Машинскиот факултет, ФЕИТ и МАНУ. Намалување има кај трошоците за мебел од еден милион, а трошокот за возила е сведен на нула.

Пратеникот Благоја Деспотовски од ВМРО-ДПМНЕ предложи РКЕ технички да ги врши работите до изборите и да се преправи Предлог финансискиот план без планираните нови вработувања, а да се направи ребаланс по завршувањето на изборите. Неговата сопартијка Лилјана Кузмановска рече дека е нелогично да се бара за 66 отсто зголемување на бројот на вработени во РКЕ во период кога се распишани избори и додаде дека тоа остава сомнеж за згрижување на партиски кадри, а воедно препорача и намалување на трошоците за репрезентација.

Реџаил Исмаили од ДУИ, пак, побара конечно да се реши проблемот со правична застапеност во РКЕ што е уште од 2014 или 2015 година и додаде дека тоа не треба да се гледа како вработување пред избори, бидејќи се влече многу години наназад.

Претседатлот на РКЕ порача дека во ниту еден момент не му паѓа на ум да има конкурси за вработување во текот на изборниот процес.

При гласањето шест пратеници беа „за“ Предлог финансискиот план, а еден „против“, додека Предлог одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход за финансирање на работењето на РКЕ беше прифатена едногласно.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ