ВМРОвските удбашки пајтонџии

На вчерашната фотографија од состанокот на Христијан Мицковски со преостанатите коалициони партнери на ВМРО-ДПМНЕ јас препознавам барем два-тројца прастари удбаши кои со своите минијатурни комбе-партии се влечкаат во композицијата на сегашнава опозиција триесетина години наназад. Не знам на кого му реферираат денес, но дека реферираат, во тоа немам сомневање, како што тоа уредно го правеле откако знаат за својот политички ангажман.
Овие дребни провокатори, постојано загрижени македонски патриоти, никако да заминат во пензија, иако мислам дека променија две-три генерации на „хендлери“ од службите. Со оние, најстарите, во меѓувреме веројатно се и посватени, оти и децата им ближат средовечност. Како што му ги закачија на Љубчо Георгиевски, така „во пакет“ се прешалтаа кон Никола Груевски, а денеска, гледам, се повторно здружено седнати на асталот на Мицковски: никогаш не биле од никаква значајна корист за ВМРО-ДПМНЕ – сите заедно, ако им тргне местењето, можеби имаат стотина гласа на избори – освен што за себе и за своите, вкупно, пет-шест сопартијци си обезбедувале по некое раководно место во некаков трет ешалон на власта, секогаш кога ВМРО ќе дојдела да правителствува.

Нивната главна задача – покрај рапортирањето на службата – е да шират политички смутови и магли, да додеваат по ретките дипломатски приеми за кои којзнае како ќе добијат покана и, еднаш годишно секоја престапна година, да дадат некакво интервју во некое опскурно гласило во кое со децении не кажале ништо значајно, но потсетуваат дека се тука за никогаш да не си заминат, освен како последица на сопствената смрт.

Што ќе му се овие доодени партиски „пајтонџии“ на Мицковски? Да му ги пополнат столиците околу масата? Да изгледа друштвото поголемо, позначајно, посериозно? Вредат ли парите со кои ги покриваат колку мастилото што се троши за списокот на коалициски партии да биде подолг, наводно поимпресивен?!

Да не бидам погрешно сфатен: јас не мислам дека се тие луѓе особено штетни или неопходно зли; само мислам дека се потполно бескорисни – освен за оние за кои рапортираат; иако, ако подобро размислам, веројатно и ним одамна им го губат времето…

Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ од нив секако нема никаква корист. На Мицковски и друштвото би им било попаметно да идентификуваат некои нови конзервативни кругови во земјава – ако ги има – со модерни десничарски идеи, по можност без преголеми националистички тегавења, за малку политички да се освежат и себе и земјава.

Така, можеби, ќе дојдат до некакви нови идеи за тоа што треба да биде современата македонска десно-конзервативна опозиција, да не се сведат само на контрирање на власта, по секоја цена и за секоја тема, како што сега тоа, крајно здодевно, го прават.

Оти, на пример, кога и грчката влада сфатила дека е дојдено време за решавање на проблемот со името, и тоа под жесток притисок и за висока политичка цена што им ја наметнува грчката опозиција, глупаво е ВМРО-ДПМНЕ да биде последната што ќе сфати дека се вози на старите бандажи за нема-да-дозволиме-ова и нема-да-прифатиме-она, кога историјата се заканува да ги прегази како лепешка на друм.

Тоа и ми е зборот: во старото друштво во кое продолжува да седи новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема ништо паметно да се роди. На таа маса политиката е застаната со години, пред многу години.

Ако на еден Амди Бајрам тоа му е јасно, колку ли време ќе му треба на Христијан Мицковски тоа да го сфати?

Сашо Орданоски за Цивил

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e