СДСМ: Прва-рикверц!

Да се скинеш од смеење: Мицковски во Брисел (во присуство на еден груевистички апологет од величината на Влатко Ѓорчев!) ѝ се жалел („изразил загриженост“!) на Могерини дека Владата во Скопје не спроведува реформи во правосудството, образованието и економијата!

Ееееј, какво време дојде за СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ да е во право кога ги критикува дека се спори, прилично смотани, местимично неспособни и најчесто калкуланти во тоа што се обидуваат да го направат со „реформската агенда“ во земјава. Чекам Мицковски јавно и со гадење да се дистанцира од, на пример, Јово Вангелов, кого Заев го предлага како еден од клучните играчи во тимот што треба да ги спроведува правосудните реформи! Или довчерашнава партија на Груевски да побара похрабри реформи во образованието за да се корегираат далекусежните системски образовни штети од времето на магистратурата на Груевски. Или да се побунат заради начинот на кој повторно ќе се избира некаков неспособен вмровски тапа-од-кадар за директор на МТВ. Или да ги повикаат овие од Владава да се приберат и да се договорат кои ќе им бидат принципите за оданочување на различни деловни категории на граѓани. Или да побараат поефикасна борба против организираниот криминал, бидејќи главните вмровски хохштаплери ќе пукнат од црвенило во образите: „Знаеме барем два-тројца бивши скопски општински градоначалници – веројатно се пожалил Мицковски на Могерини – кои би требало да скапат во затвор, пред некој воопшто и да помисли да му поднесува кривична пријава на бившиот градоначалник на Лозово!“…

Навистина, шест-седум месеци по доаѓањето на власт, сѐ уште не можеме да видиме конзистентност во политиките на СДСМ. Сѐ е некако прва-рикверц, стани-падни, тргни-застани. Низа недообмислени закони, во најдобар случај дадени, па повлечени од собраниска процедура. Противречни политики, млакост, решенија кои јавноста на социјалните мрежи ги руши за едно попладне. Како во Владата да нема едно мислечко јадро, идеолошко-политичко средиште кое ќе зрачи со мисија и визија – па макар и погрешна, како онаа на Груевски-Ставревски-Протуѓер-Пешевски-Маневски (со Мијалков како либеро)…

Додуша, единствено собраниското мнозинство е конзистентно зад извршната власт и кога тоа не му прави чест. Чудна е таа лојалност на парламентарците кон недугавоста на Владата, тој менталитет на стадо – толку поединечни интелектуални ѕвезди (лично ви тврдам барем за десетина!), а така слаба критичка резонанца и волја за сопствено мислење.

Од тоа е исклучок надворешно-политичката агенда на Заев – ама, таа изгледа како некаква персонална агенда, како вселенска мисија што премиерот ја превземал врз себе, со која ќе заврши на штитот или со него. Чувствувам дека најголем дел од јавноста му пожелува да успее, но на тоа граѓанството гледа како да е во театар и само чека да види дали во третиот чин ќе пукне пушката обесена на ѕидот… Ако не пукне, претставата ќе биде прогласена за промашување на сезоната.

А „Планот Б“ на СДСМ би морала да биде успешноста на сите други политики, ако „Планот А“ потфрли. Односно, дотолку повеќе ако „Планот А“ не потфрли!

Вака, ќе се забавуваме со Мицковски кој на меѓународната заедница ќе им се жали што СДСМ споро реформски го демонтира еднодеценискиот режим на ВМРО-ДПМНЕ. Туго, мори.

Сашо Орданоски

Извор: ЦИВИЛ Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e