Продолжете храбро со преговорите, баталете ги оние 200

Почитувани, еве деновиве околу 200 интелектуалци од Македонија се собрале и демек многу загрижени за иднината на оваа наша земја го ставиле својот потпис на некое писмо кое изобилува со мноштво погрешни теории и факти и со кое бараат прекин на преговорите околу името.

Е сега, затоа што се работело за интелектуалци мора да им одговориме интелектуално секако со факти и аргументи, никако поинаку, иако многу луѓе кои ме познаваат и ме читаат редовно, единствената забелешка што ми ја дале е тоа дека некогаш премногу културно и интелектуално се обраќам кон некои шарлатани кои ги има на претек, ама овој пат не е така, сепак се работи за интелектуалци па морам повторно да бидам воспитан и културен и да ги разочарам оние кои ми даваат добронамерни совети.

Зошто треба и мора да ги продолжиме преговорите?

На оваа тема околу името, преговорите, идентитетот, меѓународното право, сум пишувал многу пати до сега, но знаете некои од овие теми будат силни емоции и многу лесно се користат од страна на политичарите за манипулација на сопствениот народ.

Сакам овде на кратко колку што ми дозволува времето и просторот да им објаснам некои работи на овие интелектуалци за да нешто знаат и научат.

Ајде да тргнеме по ред. Зошто Република Македонија мора да ги продолжи преговорите околу името и да се обиде со сите сили да најде взаемно прифатливо решение.

Пред се треба да се знае дека овој спор кој го имаме со Република Грција не е спор кој може да се реши со механизмите на меѓународното право. Затоа доста плачете и кукате барајќи го меѓународното право. Овој спор е доминатно политички спор (со меѓународен карактер) кој за нашата страна претставува дури и високо национално прашање (доколку задира во идентитетот на нацијата), а за другата страна (Р.Грција) е повеќе политичко прашање во функција на одбрана на нивната национална гордост (антиката) и тоа од позиција на поголема сила. Иако е доминатно политички овој спор, со потпишување на привремената спогодба меѓу двете страни (1995), тој создал и меѓународно-правни обврски за страните. Но меѓународното право не е право во вистинска смисла на зборот. Кога имате ваков доминатно политички спор не ви значи ништо меѓународното право, односно билатералните и мултилатералните договори, и во овој случај пресудата на меѓународниот суд на правдата која е во наша корист не може да ни заврши никаква работа. Не постои (барем до сега), некој супранационален (наднационален) орган кој ќе може да натера една држава да спроведе одлука на меѓународен суд, особено тешко е како што е во нашиот случај кога се работи за спор кој е доминантно политички. Советот за безбедност (СБ) при ООН не претставува таков орган и нема таква моќ. За оние кои ја разбираат оваа материја ќе им биде сосема јасно додека пак другите треба нешто и да научат. Имено ако ги анализирате споровите кои се воделе пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), тоа биле главно спорови од меѓународно правна природа и во основа државите односно страните во спорот ги почитувале пресудите на МСП затоа што спроведувањето на пресудите немало никаква изразито политичка консеквенца за страните. Исто така кај оние спорови кои задирале во политичките интереси на страните или пак оние спорови каде што се работи за страни кои се сосема асиметрични по моќ, (случајот Никарагва-САД), одлуките на МСП не биле спроведливи. Во основа спроведливи биле оние пресуди на МСП кај кои доминира правниот карактер на спорот, како што се на пример: спорови околу правото на користење на територијални води за риболов, кршење на некои конвенции, узурпација или демаркација на делови од територии, толкување на резерви (резервации) на договорите и многу други примери. Исто така оној предлог на професорот Игор Јанев, за институционално решавање на проблемот со името во рамките на ООН преку Генералното Собрание и Советот за Безбедност е теоретски коректен ама во основа утописки и неприменлив ниту за сто години. Ајде да бидеме искрени и да им кажеме на граѓаните дека во меѓународните односи правото го отстапува местото на силата и со меѓународно-правни правила и процедури нема ништо да направиме, туку мора да преговараме и преговараме. Не постои друг начин за нас во моментов. Посилните страни кога имаат повисок интерес некогаш знаат и да не ги почитуваат договорите, ги прекршуваат, како што е во нашиот случај, и покрај пресудата од страна на МСП која е во наша полза, ама фајде нема. Силата е пресуден фактор во меѓународни рамки и знаете за она сигурно дека аргументите секогаш ќе бидат на онаа страна што има носачи на авиони од колку на онаа страна која е во право. Затоа ни остануваат во рака само преговорите и мудрата дипломатија, а не плачење по право и правда кое е тешко остварливо во меѓународни рамки.

За Република Македонија од огромен национален интерес е овој спор да го затвориме и да го отпочнеме процесот на интегрирање во НАТО и ЕУ затоа што само така ќе обезбедиме заштита на нашиот идентитет, јазик, нација и само така ќе можеме да создадеме шанса за подобра иднина на нашиот народ. Токму затоа треба да ги продолжиме преговорите а не да ги прекинеме.

Ние сега како нација и како држава треба да покажеме полна зрелост и баталете ги оние 200, кои се потпишале таму. Меѓу нив има и многу ебиветровци, и многу ситни политички интереси, та не се сите патриоти. Нашата дипломатија во овој момент води мудра политика по ова прашење и тоа треба да се пофали. Некој пат тоа ќе изгледа како попуштање и виткање кичма но воопшто не е така. Успеавме да се наметнеме пред меѓународната заедница како жртва, како послаба страна, да придобиеме симпатии во искрените намери дека сакаме да го решиме овој спор и сега притисокот во голема мера е насочен кон Р.Грција, а тоа не е лесно да се постигне во дипломатијата, е тоа треба оние 200 да го знаат. Убеден сум дека можеме да најдеме решение во кое нема да биде проблематизиран нашиот идентитет, нашиот јазик и нација и за кое нема да бидат потребни уставни измени.

Е сега ќе се најдат многу незадоволни патриоти кои ќе врескаат на сиот глас дека ова е предавство, дека сме го продале името, сме го изгубиле идентитетот, а посебно ми се интересни оние од дијаспората што врескаат дека не го давале името а нивните деца ниту слушнале за Македонија, или пак оние патриоти од кај нас овде на кои цели семејства им се во странство немаат ни куче ни маче тука па и тие името не го давале пази молим те, е на сите нив ќе им верувам кога ќе ме убедат со само еден аргумент дека е така.

А се додека не ме убедат еве да им порачам ај гитла таму, та преку тасе ми е од вас, да бидам и јас малку некултурен за да не ми се налутат другите.

м-р Глигор Стоименов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e