Позајмувачи

Ми се допадна насловот на Ѕвездан Георгиевски „Ајде да се правиме глупави“. И соодветсвува со неговата тема за јазиците. Ама не сум сигурен во правењето односно дали ние, или барем некои од нас, навистина се прават глупави или, онака топтан, како народ, навистина сме тоа. Глупави, де. Како природна состојба. Со чесни исклучоци, се разбира, кои, за жал, ги нема многу! Но тоа е нешто што не се открива баш така лесно иако, историски – од подалечното но и од поблиското минато – се’ оди во прилог на таа теза.

Префрлено на теренот на културата односно уметноста и потребата од апсолутно и целосно менување на нашите поимања, однесување и вреднување апропо европските стандарди, нашата глупост оди дотаму што ние и видливото го правиме божем невидливо, очигледното го замаглуваме, затвораме очи пред цел куп сомнителни (најблаго речено) „остварувања“ што ни го „красат“ градот, државата, институциите. Нашите „творци“ во недостаток на оригинална идеја или искра на инвентивност посегнуваат кон „позајмување“ (како еуфемизам за плагијаторство) и од таму од каде што тоа не смее да се прави, а сето тоа го прават јавно, што би се рекло – транспарентно, со сесрдна поддршка на државата. Или, поточно, системот на „позајмување“ всушност и беше комплетно октроиран и елабориран токму од страна на државата и нејзините (највисоки) институции, што пак, нормално, потоа се шири како чума низ целото општество. И тука, можеби, не е толкав проблем плагијатот на некаков докторат на некојаси шушупатка докторка – иако оваа фела, но и не само таа, како да станаа шампиони во оваа дисциплина – туку истиот чин стана доминантен на ниво на држава, експремиер, институции, уметници итн. Впрочем, пред извесно време, токму на страниците на „Слободен печат“, јавно беше разоткриен и плагијатот на еден „професор“ по историја на уметност.

Па така ние, се разбира, во оваа наша се’ поприсутна „култура на позајмување“ славиме кога ќе се изгради уште еден „Флатирон“, овојпат на скопска почва, на архитектот-плагијатор сигурно му дале и соодветен хонорар, платени паланечки „новинар(к)и“ се воодушевуваат на „билдингот“, фирмата се крева во облаци, а направиле – што? Му дале задача на некое гревче да ископира изглед на една (оригинална) зграда во Њујорк (1902 година, што значи дека доцниме барем 100 години!) и да ја тупоса во Кисела вода. И тоа го разубавувало „работничкиот кварт“. О Господе! Но, нели и на еден друг (попознат) архитект му дадоа дури и награда за изведбата на КОПИЈАТА на некогашниот Народен театар во Скопје, па сега ја имаме онаа т.н. златна шупа што само го имитира некогашниот објект и во која што од сите страни тече вода?! И некој кажа нешто? Се разбира, во оваа насока неодминливо е и „Скопје 2014“ како вистинска државна „апотеоза на позајмувањето“, каде пресликуваа (главно лошо, нели) историски стилови, фасади, детали … сето тоа комбинирано со наш локален „творечки“ зачин со што целата приказна добиваше екстраординарно бурлескни димензии. А во таа насока, секако и оние чудни “совпаѓања“ (најблаго речено) кај неколкуте „скулптури“ во централното градско подрачје – повторно финансирани токму од државата како најголемиот поддржувач на „културата на позајмување“ – со очебијни „сличности“ во инспирацијата на нашиве позајмувачи со некои познати дела низ светот. И иако има обиди тие „совпаѓања“ да се протолкуваат како сосема случајни, тие тоа не се зашто такви „случајности“ во светот на уметноста – нема! А кога овој тип локална „културна“ практика би го прошириле и со примери од издаваштвото, па музичкото творештво и слично, којзнае до какви размери би дошле.

Ваквиот чин на негување на своевидна „култура на позајмување“ испраќа катастрофална порака до Европа, но и до младите кај нас, до сите нормални луѓе. Ние, всушност – тие, не така одамна, прибегнаа кон овој чин дури и при изборот на идејното решение за новите пари (за што пишував во неколку наврати), и сите здружено (сосе некои „новинари“) глумеа дека „не се од тука“! Нормално, кога се пари во прашање, нели?! Не случајно интелектуалната сопственост односно нејзината кражба во современиот свет се смета за едно од најнеморалните злосторства. И не случајно целиот свет полага толкави надежи во заживувањето на заштитата на авторските права на сите полиња на човековата активност.

Оттука, македонската култура (и уметност), а особено критиката – толку колку што ја има – мора остро да реагира на ширењето на оваа појава, особено во визуелните уметности. Повикувањето на финесите на постмодерната, на преплетувањето на изворите на инспирацијата или на „дозволеното“ цитирање, преземање, преработка и слично е прилично тенко во нашите случаи на очебијно директно позајмување од познати примери. Што пак, комбинирано со стручното слепило на партиските комисии, со отворената поддршка од неуката државата и нереагирањето на критиката создава забуни и негува непримерени начини на однесување во културата и уметноста. Тој агресивен тип на малтене државно координирана пиратерија е апсолутно неспоив со европските стандарди и практики.

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e