Не, господине Вајгл

Демократската држава која се потпира на правото не се гради со тоа што ќе ги шетате нашите избраници по белиот свет да преговараат и да се договараат надвор од очите на оние кои ги избрале.

Ние граѓаните ја доведовме оваа политичка гарнитура на власт за да нема тајни преговори, за да може граѓаните да го имаат првиот и последниот збор во секоја одлука, за транспарентноста да стане незаобиколлив сегмент на секој процес на одлучување, за да почнат да функционираат институциите и да се спроведуваат процедурите и пред се, за да се раскрсти со начинот на владеење на узурпаторите на власта кои не окупираа последните години.

Со Вашиот предлог се обесмислува работата на сите формирани комисии, се негира работата на сите домашни експерти, но пред се омаловажуваат граѓаните кои повторно треба да се претворат во пасивна маса која стои настрана и чека да види што решил некој зад затворени врати.

Не господине Вајгл, јас лично не прифаќам да се преговара надвор од институциите и надвор од со закон предвидените процедури затоа што така не се гради демократска држава во која владее правото, туку нов вид диктатура која ни кажува дека сите се исти.

Вашиот предлог господине Вајгл го сметам како обид да се негира и самата можност за вистинска промена и повик да се легитимизира неправото на чии крилја се уште летаат претставниците на криминалната банда која ја симнавме од власт.

Бандата треба да заврши во затвор, а не да се обидуваме со неа да другаруваме и да создаваме услови во кои криминалот се исплати.

Сега не е време за намалување на разликите и договарање туку обратно, потенцирање на разликите како прв чекор кон декриминализација на Собранието кое е впрочем и срцето на секоја демократска држава.

Мирјана Најчевска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e