Младите се сила, младите се моќ

Долгогодишното владеење на еден режим на чело со диктаторот Груевски, диктираше темпо на подаништво, понизност и политизираност во сите пори на општеството. Страшно е она што и се случи на Македонија. Режимот остави хаос во економијата, бизнис секторот, образованието, здравството, културата. Страшно и поразително, но успеаја да направат политизирани безбедносни служби кои служеа како приватно обезбедување, како партиска војска со континуирана злоупотреба на службената должност.

Конечно ставивме крај! По долгогодишна борба против режимот, парламентарните избори на 11 Декември 2016 година резултираа со почеток на крајот наерата на Груевски и фамилијата. На 15 Октомври 2017 година, Република Македонија се ослободи од режимот со големата победа на локалните избори. Она што никогаш нема да го заборавиме е егзодусот на младите од Македонија, руинираните студентски домови, “бесплатното” скапо образование, кражба на изборите за студентски парламент, бруталниот однос на власта за замолчување на младите, ама сепак, не успеаја да не скршат. Да, сакаа да направат од нас безрбетници кои ќе го глорифицираат “големиот лидер”, ќе аплаудираат слушајќи ги неговите говори, ама не им успеа.

Излеговме на улица, кренавме глас, баравме реформи и добивме поддршка од невладиниот сектор и од граѓанството. Котелот кој вриеше со години, почна да претекува и рековме: ДОСТА БЕШЕ МОЛК! Младата сила, идејата и волја за промени, ги повика, ги поттикна и охрабри сите граѓани да излезат и побараат правда, да побараат промена. Покажавме дека Република Македонија може да биде граѓанска и демократска држава. Не обедини гранскиот концепт, застанавме рамо до рамо во шарената револуција, бидејќи не постоеше друг начин да се ослободи Република Македонија од она што не уништуваше со години. Ни дождот, ни пендреците, ни водените топови не не заплашија, не не натераа да се вратиме дома и не не замолчеа. Напротив, уште посилно чекоревме кон крајната цел.

Младите секогаш биле и ќе бидат двигател во општеството и борци за подобар живот. Никогаш повеќе нема да дозволиме некој да си поигрува со нашиот живот, и никогаш повеќе нема да дозволиме државната чизма да гази врз нашето достоинство. Пред нас стојат многу задачи, исправање на многу грешки од минатото. Нашите предлози и идеи да ги кажеме преку јавни дебати преку кои ќе се слушнат нашите желби и потреби. Ќе упатиме и конструктивни критики кон сите релевантни чинители и носители на власта, со цел да дадеме наш придонес во создавање на модерно и транспарентно општество. Ајде да почнеме да мислиме позитивно, да организираме културно-уметнички настани, спортски натпревари, да почнеме да работиме! Ја добивме довербата од граѓаните, ајде да ја оправдаме.

Научивме како не треба да работиме, да покажеме како треба да се работи. Ајде младино, со крената глава, со нашата младост, идеа и сила да ја вратиме Македонија таму каде што треба да биде, пријателска држава, посакувана дестинација. Да ги стимулираме најквалитетните млади луѓе и да се гордееме со нив на нивниот пат кон успехот. Гордо и достоинствено младино, младите се сила, младите се моќ!

Мартин Захариев, портпарол на СДММ Куманово

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e