Летото ближи, ќе мора да се побрза!

Кога пролетта во 1992 година Милошевиќ му понудил на Мицотакис Србија и Грција да ја поделат Македонија меѓу себе, Мицотакис го одбил непристојниот предлог, иако грчката армија, за секој случај, си направила воени планови и за таков можен развој на настаните. Еден грчки колега своевремено ме убедуваше дека ги видел тие воени мапи според кои, наводно, точката на грчко-српската средба требало да биде некаде на полпат меѓу Демир Капија и Велес.

За воените мапи не знам, можно е (иако малку веројатно) воопшто и да не постојат, но приказната за тогашниот српски предлог за поделба на Македонија е веродостојна – за неа ќе најдете референци во неколку угледни западни весници од тоа време и потоа (ако не ме лаже сеќавањето, сторија за таа понуда прв објави лондонскиот „Фајнаншел тајмс“ летото 1992 година, од перото на својата дописничка во Атина), а и бугарскиот претседател Жељу Желев, на мене и на еден пријател, пред повеќе од дваесет години ни има раскажувано некои детали за таа типично балканска, пеколна, авантуристичка гео-политичка ментална екскурзија, која практично и не би можела да се изведе без бугарско вмешување во „журката“.

Мислам дека тогашната српска власт не се откажуваше од варијантите на таа идеја барем уште неколку години, сè некаде до атентатот врз Киро Глигоров.

Се разбира дека стариот Константин Мицотакис, кој почина минатиот мај на 98 годишна возраст, разбираше подобро од Слободан Милошевиќ дека Република Македонија – да, со Скопје во заграда, што се однесува до тогашниот негов предлог – ќе мора да ја има, оти нејзиното постоење го гарантира мирот на Балканот. Тоа и тогаш и денес е цврста позиција на официјалната политика на САД (sic!), а Мицотакис беше еден од клучните прозападни грчки сојузници, голем родољуб во својата земја што отсекогаш се гушела во сопствениот национализам.

И тие како и ние: колку си понесигурен и понесамонеуверен во сопственото современо издание, толку подлабоко копаш во историјата која, не дека не се одвивала на територијата што денеска ја населуваат, но со нив има врска колку и нашето античко издание со нас. Великиот Александар Македонски веројатно има испотепано повеќе антички Грци од кој било друг завојувач што „орал“ по македонската географија.

Тоа ме води до модерниот грчки иредентизам, денеска предводен и од синот на Константин Мицотакис, Киријакос, сегашниот лидер на грчката конзервативна опозиција. Се разбира дека паролата „Македонија е (само) грчка“ е еднаква будалаштина како и паролата дека, еден ден, некој следен партиски конгрес на македонските националисти ќе се одржува во Солун. Претпоставувам дека затоа подготовките се во повеќегодишен полн ек на (не)познати локации на Халкидики.

Елем, како што стојат работите, напредуваме кон решение за спорот со името. Со многу мерзоволност кај мнозинствата и на двете страни, со силно „дување на јогурт“ и таму и овде, со подеднакво неснаоѓање на опозициите, со повремени хистерии и сензационализми кај некои новинарски кругови, но и со влади во Скопје и Атина кои се подготвени да ја стават својата политичка иднина на коцка, за да се направи долго очекуваниот пробив околу ова важно регионално прашање.

Всушност, кога ќе го погледате „пакетот“ на Нимиц – кого Коѕијас, како посредник, но и како незгоден сведок во преговорите, упорно се обидува да го анулира во процесот – станува јасно дека решението не само што е можно, туку е и на повидок.

И – доколку Македонија и Грција не ги погоди некаков неочекуван дипломатски или политички „метеор“ – можно е да поминеме со локална анестезија, бидејќи расплетот ќе се одвива лапароскопски, со прецизно компјутерско наведување од страна на сојузниците. Опоравувањето од вадењето на ова „камче“ од уринарниот балкански тракт ќе трае не повеќе од неколку месеци, оти ближи летото, а сунчањето и бањањето по македонските морски плажи е многу важна работа и за нас и за Грците!

Сашо Орданоски

Извор: ЦИВИЛ Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ