А колкава е платата на нашиот омилен Бејли?

нае ли јавноста во Македонија колкава е платата на амбасадорот Џес Бејли? Има ли „свиркач“ во Американската амбасада во Скопје или некој добар новинар-истражувач преку кого можеме да го дознаеме тој податок? Или, можеби, ако љубезно се обратиме до прес-службата на Амбасадата, таа самата ќе ни ја соопшти сумата?

Зошто би ни било тоа нам важно, кога се работи за врвен странски дипломат, докажан добронамерник кон Македонија од нашата, најстратегиски, пријателска земја?

Па, за странски амбасадор кој си зема за право да изигрува „свиркач“ и да објавува вести до јавноста во врска со примањата (и за додатоците на примањата) на членови на македонската администрација, ред би било да истрча на фер израмнет терен за игра во однос на темата што јавно ја зачна, па да знаеме кој од каква морална (и материјална) позиција настапува.

На пример, да речеме дека Неговата Екселенција Бејли зема 3.000 долари месечна плата… Како? Не се три?… Добро, еве нека се пет илјади… Молам? Не се ни пет? Дупло?! Десет?!… Повеќе од десет?!?!

Бидејќи не можев да им верувам на сопствените уши, седнав на Чичко Гугл… Gross annual salary of the American Ambassador in Macedonia – enter… Таков податок Гугл не ми дава… Ми дава нешто друго, индиректно, но интересно: Американската амбасада во Скопје во февруари објавила оглас за испразнето место за (пази сега) административен асистент од областа на правото, во кој оглас, покрај другите податоци, е наведено дека годишната плата би се движела од 17.733 евра бруто (за домашен, македонски апликант), до 35.718 долари бруто (за странец кој би се нафатил на таа работа)… Значи, грубо, обичниов правен АСИСТЕНТ би имал повисока месечна плата од претседателот на ДИК во Македонија. Хмммм…

Потоа прочепкав уште малку по интернет: податоците се од пред некоја година, но Гугл вели дека платата на американските амбасадори во светот се движи од минималната годишна сума од 119.554 долари, до максималните 179.700 долари, во зависност од стажот, земјата-домаќин, ризиците, работните обврски и други периференалии… Во секој случај, со сите додатоци, кој било американски амбасадор во светот не смее (по закон) да зема годишна плата која е повисока од платата на американскиот потпретседател на Обединетите Штати, која изнесува 230.700 долари (за 2011 г.).

Доброооо… Сега полесно се дише: значи, реално е да претпоставиме дека месечната плата на уважениот и од демократската јавност омилен Џес Бејли е околу 13-14.000 долари месечно, плус сѐ друго платено, плус некој додаток за семејството, плус (оправдано!) додаток за ризик, плус фул здравствено осигурување, плус 5 недели одмор годишно (со платени авионски карти до годишно-одморската дестинација, бизнис класа!), плус уште нешто иди-ми-дојди-ми…

За тие пари месечно, Грујо не би ни станал од кревет насабајле! (Па, всушност, и не се будеше до пладне, а попладне и во вечерно-ноќните часови, како што е познато, тарифите беа многукратно поголеми!)

Е, сега, кога расчистивме кој од каква морално-политичка и лична материјална позиција говори за туѓите примања, што може да фрли одредено светло врз хуманизмот и ренесансата како такви, дозволете ми да го кажам своето мислење за она за што говореше омилениот амбасадор Бејли: Срамота е членовите на Државната изборна комисија, крадешкум, зад затворени врати, да си делат вишоци и додатоци во висина на цела годишна плата! Нивната работа, навистина, е тешка и одговорна, но тие однапред знаеле на што се нафаќаат, па нека не се чудат што нивната постапка предизвикува скандал во јавноста!

А амбасадорот Бејли би било подобро да си ја гледа својата работа – на пример, го чека избор на нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ – наместо вака, од високо (од говорница), да ни прави стресови заради кои доживуваме масовни хистерични реакции, несвојствени за длабоко криминализирано општество како нашето, кое само што се беше ослободило од една гранде-клептоманска елита!

Или не?!

Сашо Ордановски
Извор: Цивил

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e