Горан Михајловски: Три за сто

Па еврокомесарот Јоханес Хан дури и лесно поминал. Само со клетви. Можело и главата да му ја исчукаат, како што му ја исчукале на возачот на турската амбасадорка додека бил паркиран пред Министерството за култура.

Така е тоа кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ќе даде команда за одбрана на државата. Државата не се брани само со плукање на новинари по кафани од малолетници и со незграпно веење знаме и удирање со дршката кому иде.  Бидејќи државата е нападната, а Груевски не кажа прецизно од кого, просечниот македонски патриот се сомнева во сè и сешто. Особено кога на улица ќе види скап мерцедес, а на мерцедесот туѓо знаме. И тргнал да го корне знаменцето на Република Турција и да вика „Ова е Македонија!“. Му се видело нешто пострашно од Тиранската платформа за Македонија. Полумесечина и петокрака на исто место. Двоен напад врз државата. Ем ислам, ем комунизам.

Е па, токму вакво насилство можеше да се очекува по повторените охрабрувања на Груевски народот да ја земе одбраната на лидерот во свои раце. Па во жарот на патриотската борба настрада и мерцедесот на амбасадорката на најпријателскиот и обожаван Ердоган. Така се вика „благодарам“ за подарените водените топови за одбрана на Македонија и Белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ кога бранителите сами си оценуваат од кого ја бранат државата.

Ама, кога веќе ќе почне пресметката меѓу граѓаните поттикната од Груевски, утре нема да страдаат само непознатите знаменца на познат мерцедес.  Ќе нема веќе тепање само за различно мислење како до сега. Кога се веќе охрабрени од Груевски да мислат дека ја бранат Македонија, а не неговиот криминал, зошто борците за чиста Македонија не би тепале и за изглед различен од оној што замислиле дека треба да го има чистиот Македонец?

Всушност, силата на бранителите за чиста Македонија доаѓа од она зачестено скандирање „Никој ништо не ти може, Никола!“ Што значи тоа дека „никој ништо не ти може“? Дека си над законот? Во таквото скандирање почнале да се препознаваат и блиските на Никола. Сигурно од  тој слоган ја црпел силата и газдата на службен пат Сеад Кочан, ама и Латас и Ивона што СЈО ги сомничи дека затајувале данок и дека скапи часовници, душеци, козметика и гаќи книжеле како средство за работа и за тоа добивале поврат на данок. Оти тоа е суштината на „Никој ништо не ти може, Никола“.

Баш ми е гајле што купувале Ивона и Латас, какви гаќи носеле и дали уште мирно спијат на скапите душеци за кои барале поврат на ДДВ. Ама многу ми е гајле дека системот им дозволил „Ништо никој не ти може, Никола“ да важи за нив. Оти чувме како истата таа Управа за јавни приходи што не смеела да ги контролира сметките за компаниските гаќи, пред избори предизвикувала „пиштење и вриштење“ на сите дуќанџии што не сакале да дадат пари за ВМРО-ДПМНЕ. Оти на сметка на тие што секојдневно „пиштат и вриштат“ и уредно плаќаат данок, некој книжел гаќи како компаниски трошок.

Но, уште пострашно од тоа што УЈП и Министерството за финансии учествувале во грабежот на народните пари, е тоа што на патриоти како бабата што се прослави со лежење на асфалт и колнење на Хан не им пречи дека баш нејзините пари ги украле. Која држава ја брани женава што колне? Онаа држава чиишто институции дозволуваат да се крадат нејзините пари? Оти крадењето е дозволено затоа што тие што краделе биле од „нашата банда“. Трагедијата е дека таа не го есапи сознанието оти се украдени нејзини пари. Зошто? Затоа што партијата можеби ѝ ги вработила синот, или снаата, или ќерката, или зетот, или внукот… И тука, на асфалтот пред ЕУ, завршува нејзиниот интерес за правда, демократија, слобода, правично владеење, еднаквост пред законот во Македонија.

Сигурно и таа се лути дека некој со нејзините пари си купувал гаќи за 500 евра. И озборува со комшиките за душеците, шминките, саатот и алиштата од 30.000 евра.  Ама додека таа на пазар купува гаќи „три за сто“ и шминка за 70 денари парче, на протестот против ЕУ верува дека ја брани Македонија и си вика: „Налет и гаќите.  Син ми се отепа од лепење плакати. Ќути, барем зема некаква плата“ .

Целата колумна на Горан Михајловски за СДК прочитајте ја тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e