Несоодветното складирање на лековите, особено во летниот период, може сериозно да ја намали нивната ефикасност и безбедност, предупредуваат фармацевтите. Повеќето лекови не поднесуваат температури повисоки од 25 степени, а топлината може да предизвика промена на активните супстанции, како и на бојата, мирисот, вкусот или конзистентноста на препаратот. Во екстремни случаи, доаѓа до процес на распаѓање на лекот, велат од „Хемофарм“.
Истражувањата на глобално ниво покажуваат загрижувачки навики во домаќинствата: 10,9% од лековите се директно изложени на сончева светлина, 38,3% се складирани во непогодни простории како кујни, бањи или гаражи, а 76% се оставени на дофат на деца. Дополнителен проблем е што дури 92,1% од лековите кои не се користат неправилно се фрлаат во животната средина, што претставува ризик за екосистемот.
Фармацевтите советуваат лековите да се чуваат во оригиналното пакување, на суво и ладно место, далеку од сончева светлина и на недостапни места за деца.