Укинати банкарските провизии за кредити

Веста од насловот е точна, но се однесува на Србија. Како што пренесува информативната агенција Танјуг, Апелацискиот суд во Белград деновиве донел правосилна одлука, без право на натамошни жалби, со која на банките во Србија им се збранува да пресметуваат трошоци за „изработка“ на кредити, со образложение дека банките тој „фиктивен трошок“ ќе си го „одземат“ од заработката од каматите што и онака ги наплаќаат од кредитобарателите. Во оваа пресуда, на тужената банка од еден клиент ѝ е наложено на тужителот да му врати нешто помалку од четири илјади швајцарски франци, плус камата на тие пари за времето откако е наплатен трошокот кај клиентот.

Што е уште послатко, преседанот на оваа пресуда во Србија може да го искористат сите оние кои таму земале каков било кредит – за станови, автомобили, потрошувачки, бизнис и секакви други кредити – во изминатите 15 години, па дури ако кредитите во меѓувреме и ги исплатиле, под услов да ја тужат банката кај која им е наплатена оваа кредитна провизија. На засметаниот трошок, како и во првата пресуда, банките ќе мораат да им вратат и камата на сите нови тужители од денот кога им ги одобриле кредитите.

Некои српски финансиски експерти проценуваат дека тамошните банки во последните 15 години на име на овие, сега веќе, незаконити провизии, заработиле над 100 милиони евра! Плус провизиите што банките, откако ќе ви го одобрат кредитот со „трошокот за изработка“, ви ги наплаќаат и за неговото „администрирање“, додека ги враќате позајмените пари со камата.

Вистинска српска лепота!

Јас не се разбирам во македонското банкарско законодавство, но би било прекрасно ако некој овдешен експерт од таа област може да ја советува македонската јавност дали и ние имаме основа да покренеме тужби против нашите банки кои се занимаваат со истите фиктивни арачи и кај нас. Речиси и да не познавам некој кој не е задолжен со некаков кредит кај банките и се разбира дека навивам за тоа нашето судство да нѐ израдува со некаква пресуда што ќе подразбере неидентификуван број на милиони евра од профитите на банките да се прелее кон џебовите на нивните напатени кредитни клиенти.

Значи, да не ме разберете погрешно: не познавам банкар кој не е милионер и многу би ме веселел еден ваков развој на ситуацијата! Еве, деновиве се објавуваат профитите на секоја одделна банка во Македонија за 2017 година, па вие просудете дали нешто специјално треба да ги жалиме. Банкарскиот сектор во државава е секако една од најпрофитните овдешни стопански дејности, во време кога барем половина од населението одвај врзува крај со крај и се радува на законски пропишани минималци од не цели двесте евра месечно.

Ако, пак, македонските закони не дозволуваат да се донесе таква некоја судска пресуда, ете една реформа – иницијатива за укинување на банкарските кредитни провизии – на која може да се сети нашето Министерство за финансии.

Ако ова може да функционира во Србија, зошто да не може да се спроведе и кај нас? Ајде, нека дигнат рака сите кои не се согласуваат со ова…? Хари и Бишев, спуштајте рацете, гласањето не се однесува на вас! Тевдовски, не забележав, ти гласаше за или против?

Сашо Ордановски
извор: Цивил

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e