Што е погрешно во ставот кон младите?

Mногу обврски, вообичаени за финалето на учебната година. Средување на ученички портофлија, последни тестови, сумирање на резултати, барање начини за израз кој нема да ги оптовари, а ќе им овозможи приказ на она што го знаат, можат и умеат како за на крај и ете – уште една генерација матуранти веќе брои денови до заминувањето од клупите. Ги гледам така прекрасно омирисани со пролет, нестрпливи да заминат и се смешкам. Драги, драги деца.
Што продуциравме како наставници? Што внесовте со вас како куфер во кој сте вие самите, дојдени од дома пред 4 години? Со што ние го дополнивме? Го препознавме ли празниот куфер?
Размислувам деновиве, гледајќи ги страотните случувања во училиштата, на екскурзиите, меѓу клупите, како се случи младоста толку да ја изгубиме од вид и да не се запрашаме:

* зошто толку малку знаења носат од средношколските клупи, а ние така немоќно се соочуваме со тој болен факт? Каде се изгубија мотивите, жарот, енергијата, желбата да учат? Зошто тоа се дозволи и каде е вината? Дали училиштето за нив е средина која им креира поглед на свет преку она што го научуваат? Дали со самото тоа што не знаат, светогледот им е деформиран? Ги научивме ли да размислуваат? Заборавивме ли дека сме добри наставници ако ги научиме да мислат? Заборавивме ли дека, што би кажало едно мое красно поранешно дете, сега успешен млад човек, дека финален производ на училиштето е карактерот?

*што ја чини воспитната функција на училиштето, а што се воспитните задачи во наставниот процес? Како се случи да ги изгубиме педагошките решенија за ефикасна воспитна работа? Зошто веќе не сме мотивирани за сериозна воспитна работа, надвор од лекциите? Ги препознаваме ли пунктовите и сегментите на воспитното делување? Заборавивме ли дека агресивното однесување, еднакво како и пасивното се внатрешни состојби кои се резултат на она што ги мачи, а веќе не сме во состојба да им помогнеме? Зошто не сме? Ќе ги оставиме ли ако не се она што треба да бидат? Им помагаме ли така?

Реалните состојби го потврдуваат фактот дека е многу полесно да ги научиме да прифатат дека научиле ако го кажат она што пишува во учебниците или она што ние сме го кажале, отколку да им развиеме став кон тоа што го учат, одговорен однос кон работата, кон различностите, кон толеранцијата, кон довербата, кон способноста за живот кој ќе подразбере топлина во однос на другиот и култура во однесувањето. Ако на целата слика го додадеме и делчето кое ќе го надополни мозаикот, а се однесува на губењето на базичната функција на семејството и задојувањето на децата со културен, здрав, исправен и човечки однос кон животот и она што ќе им се случува, добиваме тажен портрет на една младост, обоена со агресија, со физички пресметки кои наместо да се спречуваат од соучениците, добиваат формат на забавна дешавка која е интересна за навивање, за снимање и објавување. Кога ова ќе го надополниме со непочитување на оној од кого треба да учи и тоа со невидена леснотија, интензитет и шареноликост во однесувањето, остануваме вчудоневидени од таа морбидност заради која детето не се ниту обидува да застане и да помисли дека тегнењето за коса низ плочникот ќе остави трага во душата на оној кому му се случува и дека треба да го земе во заштита. Дека онередувањето на под во хотелска соба е сериозен показател за недостаток на елементарна, здрава култура која не смее да се покрива со револт и така да се дефинира.

Можам многу да пишувам кога се децата во прашање. Секој наставник кој, како што секогаш милувам да кажам, живее за професијата од која не може да живее, може и мора да пишува. Да реагира. Да посочи. Затоа што кога ќе заминат од нашите училници, ги чека животот. Затоа што цврсто верувам дека е најважно со нас да го доизградат, а ако согледаме дека го немаат, да го добијат човечкиот лик, да знаат кои се тие самите и кои се вредностите кои треба да ги запознаат со нас, да ги прифатат и да ги вградат во своите лични вредносни системи.

Елизабета Секирарска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e