Република Mакедонија заслужува достоен претседател

Во светот денеска, постојат во најголем случај  два начини за избор на претседател на државата, се разбира, кога говориме за демократски земји во кои има избор. Без разлика дали политичкиот систем на земјата е парламентарен ( со извршни  прерогативи на Владата), или претседателски ( претседателот е тој, кој ја има моќта и ингеренциите кај себе), најчесто првиот човек на државата се бира на: општи, непосредни, тајни и демократски избори, на кои гласаат сите полнолетни граѓани со право на глас.

Право на кандидатура за претседател  имаат исто така државјани на земјата кои исполнуваат одредени услови ( во зависност од односната држава, различни се и предвидените услови).  Вториот начин е посреден , преку парламентот, кога најчесто со двотретинско мнозинство како поширок парламентарен конзенсус се бира „ таткото на нацијата“. Голем број на аналитичари, експерти по Уставно право и политички систем, политиколози и политичари спорат за тоа кој начин е подобар за избор на претседател, односно кој начин дава поголем легитимитет пред се, а со тоа и кредибилност на институцијата- Претседател на републиката.

Нашето компаративно минато, ни кажува дека освен првиот избор на првиот претседател на државата Киро Глигоров во 1991 година, кога беше избран на посреден начин во парламентот, како консензуално договорено решение ( со услов тогашниот лидер на опозицијата Љубчо Георгиевски да биде потпретседател на државата, функација која денес не постои), другите избори на претседатели беа на непосредни, општи, тајни избори на кои право на глас имаа сите граѓани на Република Македонија, запишани во единствениот избирачки список.

Искуството исто така, при изборот на наредните претседатели ( вториот мандат на Глигоров во 1994 на непосредни избори, потоа на Борис Трајковски во 1999 , Бранко Црвенковски во 2004, како и двата последователни избори на Ѓорге Иванов во 2009 и 2014 година), донесоа оспорување, неприфаќање и делегитимирање на истите од страна на опозицијата, која е репрезент на стотици илјади гласови на македонски граѓани, а во некои случаи и на некоја доминантна политичка партија кај македонските Албанци (ДУИ).  Најчести обвинувања од страна на опозицијата кон избраниот кандидат за претседател од  тогаш владејачката партија/ коалиција, е дека тој е донесен со фалсификат, каде што се изигрува вољата на граѓаните, со бројни нерегуларности и со „ партиско племенски договор“, помеѓу лидерите на една условно кажано „ македонска етничка и албанска етничка партија“. Ова, во комбинација со ниската политичка култура, примитивниот однос на политичките елити кон институцијата претседател на Република Македонија, менталитетот на бојкот и неприфаќање на изборен пораз, доведе да официјалната опозиција не го признава легимитетот и кредибилитетот на претседателите, а со тоа тие да бидат непризнаети од стотици илјади македонски граѓани, репрезентирани во опозициската коалиција.

Оттука и ги добивме епитетите : „ граѓанинот Трајковски“, „ лицето Б.Ц“, „ Хорхе Фикусот“, и слични прекари кои останаа во меморијата на обичниот македонски граѓанин, како пежорација на персоналниот интегритет и дигнитет на личностите кои ја вршеле оваа функција.  Честопати граѓаните мислат дека улогата на претседателот е церемонијална или симболична , без големи овластувања, но искустовото ни покажува дека не е така.

Претседателот игра голема улога во креирањето на надворешната политика, тој е врховен командант на вооружените сили, предложува членови на Уставниот суд, има право на амнестија и аболиција, го предложува гувернерот на Народна банка на Република Македонија, дел е од Советот за безбедност и слични надлежности кои и тоа како се важни во политичкиот и општествениот живот на државата. После сите примери на делумно признаени , оспорени и делегитимирани избрани претседатели, се поставува прашањето дали не е созреано времето за враќање на првиот начин на избор за претседател , односно во Собранието со тричетвртинско мнозинство, односно со најширок спректар на политичка и партиска поддршка/ Да , на овој начин ќе се скрати правото на граѓаните за директно учество во избор на претседател, но исто така ќе се создаде ситуација во која раскараните политички партии/ коалиции ќе мора да седнат на маса и да одберат најсоодветен персонален кадар кој достојно ќе ја врши оваа исклучутелно важна фунција. Претседателот е тој што го обединува општеството, ги премостува разликите и со својот авторитет треба да биде „ крајна инстанца “ на решавање на некој политички проблем. Само со авторитетен, кредибилен, почитуван и уважуван „ татко на нацијата“, ние можеме да добиеме достојна институција-претседател на државата.

Во тотално партиски поделено општество, етнички биполаризирано, со силни антагонизми кои произведуваат постојано политички кризи кои го зафаќаат целокупното општество и негативно влијаат врз општествениот развој , а со тоа и врз животот на граѓаните, крајно време е политичките елити да седнат и да се научат на реален политички дијалог, кој изискува компромис, консензус и меѓусебно договарање. Во една силна општествена дебата, во која ќе се вклучат уставноправни екперти, политичари, аналитичари, и учени треба да се отвори ова прашање-промена на избориниот модел за избор на претседател на државата и да се донесе најдоброто решение. Погоре изнесените компаративни и теоретски факти во македонскиот случај, го покажуваат правецот по кој треба да се движиме.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки

Извор: Трибуна

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e