Гаргамел и сестрата инструментарка

Сега се согледува, драги мои, каква е штетата и кои се последиците за македонскиот политички систем и политичка култура од толерирањето на не-правото. Толерирањето на ширење магла, партиски макијавелизам, квази наука и медиски симулакрими на дебати „за правото“ создава негова релативизација, апсолутна штета и квази авторитети!
Толерирањето на кршење на највисокиот правно-политички акт – Уставот од страна на Претседателот на дршавата и толерирање на тоа кршење од останатите сегменти на уставно-поделената власт создаде неподнослива злоупотреба и какафонија кој е во право и кој во криво! „Аргументи” на таа толеранција беа и се уште се: ајде уште малку на крај на мандат е, или не можеме да собереме мнозинство, или пушти го будала е и така ќе го победиме политички и сл. но последиците се тука и тие освен што покажуваат ниска, манипулативна правна култура раѓаат посериозен абнормалитет – неправото кое се толерира има амбиција да стане „право“, да се легитимизира и легализира и другите да ги обвини за кршење на правото, со или без латински цитати! За публиката од страна последица е конфузија што всусност е право а што не, и често, да не кажам секогаш, во таква дилема за одлука ги води нивната партиска, идеолошка преференца, а не скрупулното правно толкување!

Оперативна абнормалност (нека ми прости Фуко) на оваа операција врз мртвото тело на политичката опција и партија – ДПМНЕ е еден двоец: политичко сидро на операцијата е Претседателот на државата (глупава и полуписмена личност која со политички инстинкт на крап го чуствува моментот на агонија на дпмневската опција за тој да биде воопшто нешто на крајот од бесмислениот мандат). Тој ја остварува вон-правната атака гаргамелски и идеолочки ја бои со националистички, десничарски (на моменти расистички речник) и реторика потпирајќи се на најпримитивните идеолошки националистички митови. Додека улога на правно вообличување на бесчестието на узурпација на Уставот, имено улога на “сестра инструментарка” на таа операција е она злоупотребено клисарче од претходните приказни. Последниот инаку има талент да биде некаква правна-психо-bitch која разбрала дека националистики џган лесно импресионираш со цитати латински кои не ги разбираат и чиј дострел во правната херменевтика е пена на бес кога се ќе се покаже неточно и ќе ви се излизга од рацете.

Операцијата се одвива врз мртвото тело на пациентот ДПМНЕ, инструментарката додава погрешни инструменти, Хорхе оперира со ентузијазам на интернет докторот Тодоров од тетовскиот или штипскиот медицински факс. Пациентот е и онака мртов, но впечаток на операцијата е битен за ова што преостанува од тој политички дискурс и музиката во операционата сала е важна во позадината. Неа, имено, ја држи хор на правно-културњачки кастрати, држат постоја фон на Дур и повремено пискаат во горна (шешељовска) октава.

Да се вратиме на правната тема И нејзината узурпација, која ни е битно да се разјасни! Имено, кога некој прави не-право, крши Устав или закон свесно узурпирајки ја позицијата – тоа не смее да се претвори во право преку негова толеранција или игнорирање. Правниот акт кој се крши ќе се поткопа со таквата толеранција на не-правото и таа пракса е посебен проблем, а посебна постапка е казнување на таа пракса. Првата постапка треба да се репарира на начин што ќе се оневозможи (ова што ни се случи кај нас) не-правото со негова толеранција да стане „право“ да се легализира! И тоа го прават првенствено органите и институциите на кои одредбите од тоа право се однесува. Институциите се првите кои го „толкуваат“ правото со негова примена (затоа начелото за јасност и недвосмисленост на правото е битна). Не се чека судска или постапка пред Уставен суд (оф леле) за констатација на повредата. Системот мора да се репарира самиот во прв план и тоа е должност на институциите на кои се однесува таа одредба од правото. Ако настане потежок спор околу надлежностите, постапките пред судовите се отвораат како решение или се водат паралелни постапки за толкување на некоја нејасна одредба. Во нашиот случај Уставниот баланс меѓу законодавната (Собранието) и извршна власт (Владата и Претседателот на Републиката ) се деликатно и јасно раздвоени и балансирани со цел рамнотежа и взаемна контрола. Претседателот може да го блокира првото гласање на законот со суспензивно вето (за да укаже на некои дилеми, неговата политичка волја да ја искаже и да ја инволвира и јавноста со тој чин ако смета за потребно). Но, доколу Собранието го изгласа истиот закон во второ гласање со апсолутно (владино) мнозинство Претседателот е должен да го потпише актот. Тогаш неговата можност за блокада не постои и не смее да постои и потпишувањето е сведено на формална постапка. Уставот има јасен став дека не смее да се дозволи понатамошна улога на Претседателот во таков судир и мора да преовлада волјата на Парламентот. Точка. Јасно, независно од нивните поединечни политички опции и преференци, лични мислења и сл. Тоа е уставната рамнотежа.

Таа треба да е засилена со принципот на уставност: имено при конфликт на текстот на некој закон (во овој случај законот во кој регулира објавување на законите во Службен весник) со уставната норма (која гарантира невозмошност на наметнување на волјата на Претседателот врз Парламентот во ситуација на одбивање на потпис по второто гласање на законот) мора да се спроведе уставната норма со што се обезбедува уставноста и хиерархијата на правните акти. Тоа знаци дека словото на законот ќе се толкува согласно уставната норма, а не наспроти неа.

Тоа сумарно праќа порака до клисарчето и нему сличните: не е доволна само желбата да бидеш правна пицајзла, треба нешто и да разбираш.

Знаци, Претседателот ја прекршил јасно и гласно (со куп писмени „образложенија“ зошто ја прави не сфаќајки во својата ограниченост дека неговото мислење во таков случај не е битно и не смее да биде инструментализирано во институционална процедура, а писмените документи со кои мавта (гаранции на Заев) се писмен доказ на узурпацијата која ја направил, а не во негова корист против Заев) оваа уставна норма неразбирајќи (и тоа е веројатно безнадежно) дека може да ја остварува својата уставна позиција само низ уставните овластувања е не надвор од нив воден од свои лични проценки и оценки колку и тие да му се чинат во моментот важни. Тие прекршувања тој ги стори исто така јасно и гласно при доделувањето на мандатот на Зоран Заев (претходно) како и со наведеното непотпишување на Законот за јазиците и ратификацијата на Преспанскиот договор. Кршење во серија. Тоа скандалозно беше толерирано од другите органи на уставно-поделената власт. Не можете да имате малку бремена жена и малку кршење на Уставот. Ќе поминело со лесно, ќе победиме или остај го глупав е! Институциите, во овој случај Парламентот реагираше со доцнење за ревоспоставување на нарушената уставна норма – правото, дури сега со објавување на овие закони во Службен весник.

Тоа го осили узурпаторот, како по правило! Тоа ја хистеризираше инструментарката, но тоа е помалку важно! Значи, да е јасно, актот на објавување во Службен весник на овие акти не само што не е кршење на законот и Уставот туку спротивното, е негово ревоспоствување. Тука ниту одлуки на Уставен суд, ниту латински, ниту Цацко не може да ја преврти работата и белото да стане црно. За тоа психо-бич-инструментарката компулсивно ќе згреши по шестти или седми пат во своите прогнози и квази-правни анализи и никој, не римско право, не латински, а најмалку Уставниот суд ќе му помогне (последните анализи му беа, се сеќавате, дека албанските националисти на Касами и Грчкиот парламент, го цитираше Каменос, ќе го срушеле Преспанскиот договор, а бре клисарче, клисарче).

Останатата булумента од хорот на кастратите, кој го оркестрира Д-дурот на споменатата операција врз мртвото тело на дпмне-опцијата – се бунтува благо создавајќи фон-шум, жубор во позадината на јавните дебати. Зошто на пример (еден од нив) не е земен во предвид од новата власт и зошто не се тураат повеќе пари во неговите кревки дела? Опоменувајки дека и кај новата власт постои опасност неспособните прво да се светат во својата област на способните (како него)? Никогаш не ми било јасно зошто им е потребна наклонетост на која било власт, зошто едноставно не е доволно да се оставени на мир од било која власт да творат и творат и творат. Толку да творат да не може да се пријде до нивните кабинети во УКИМ од тоа што творат? Зар знајушчите немаат само соочување со историјата, со битието, со битието фрлено кон смртта (Хајдегер) со релевантноста вон временските рамки на било која власт? Што е ова сега? Всушност, во демократијата овие знајушчи творци имаат и други опции на јавно-приватно партнерство: да се напикаатт пак до абдомен на некој стар/нов “чифлик-г-анус” така што ни инструментарката погоре од текстов не може да ги извлече со пинцета- хватаљка!

Љубомир Д. Фрчкоски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e