Додека има овци, ќе има и волна, но до кога тие што стрижат ќе удираат и заушка?!

Утро е, полека се подготвувате да го започнете работниот ден, онака крадешкум потпивнувајќи од утринското кафе додека ги собирате клучевите, и внимавате нешто да не заборавите, орни за долгиот ден што ве чека. Само што сте се упатиле кон работното место ѕвони телефонот…непознат број, кој ли е сега?!

Љубезно се јавувате, кога од таа страна на линијата, ви го кажуваат името и презимето, прашувајќи дали сте тоа вие и кога ќе одговорите потврдно, следи дека ви се јавуваат по овластување на вашата банка со предупредување дека имате доспеан неподмирен долг на вашата кредитна картичка и имате блиц прашање, кога ќе извршите уплата?! Убеден сум дека најголем број од граѓаните на републикава имаат доживеано вакво непријатно искуство, но уште понепријатно е кога во наредниот извештај ќе забележите дека за таа опомена ви наплатиле како телефонски да ве барале од Австралија.

Да, точно е дека во секој договор што се склучува со која било банка стои дека банката го задржува правото да ги искористи сите инструменти за наплата, како што е блокирање на трансакциската сметка; ангажирање на нотар, на извршител, но не и вклучувањето на ваквите фирми за вршење дополнителен притисок врз граѓаните, кои никаде не стојат во договорите дека можат да ве прогонуваат и да ви вршат притисок; дали коминтентот, граѓанинот се согласил некој во име на банката да му се јавува, да го вознемирува во текот на денот и сето тоа да оди на негова сметка, за што банката солидно наплатува?!

Секој граѓанин – должник, знае дека има долг кон банката, кој најверојатно не е подмирен заради тоа што во моментот нема пари и уште на сето тоа некој од некаде ќе го предупредува за да му направи дополнителен долг?! Дали банката не пресметува камата на долгот со секој изминат ден, за да мора да ангажира некаква фирма која секој повик го наплатува како вам да ви направила услуга?! За каква тоа услуга станува збор и дали воопшто тоа е услуга?!

Несомнено, бројни се начините на кои од граѓаните се наплатува за сѐ и сешто, но ова, без јасно изразена експлицитна согласност од страна на граѓанинот, не би смеело да се дозволи. Во овие стории има и едно сензитивно прашање, тоа е заштитата на личните податоци. Познавам многумина што својот телефонски број јавно го немаат објавено во единствениот телефонски именик на Република Македонија. Но, тоа не е пречка, банките да ги даваат броевите со кои располагаат и адресите на кои живеат должниците. Така, има случаи кога за нечие долгување се јавуваат на лица што живеат на иста адреса или користат број што некогаш го користел должникот. Со кое право тоа го чинат, кој им го дозволил тоа?!

Целата колумна на Воилслав Зафировски за Фактор прочитајте ја тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e