Македонската социјалдемократија како островче во Европа

Социјалдемократијата е потреба секаде во регионот и во Европа, смета Зоран Заев, истакнувајќи деновиве во Сараево дека квалитетна и мотивирана работна сила, повеќе пари за ранливите категории граѓани, солидарност, фер такси наспроти еднаквото оданочување кое што овозможи богатење на мала група луѓе, се социјалдемократски вредности кои доближуваат до Европа.

Премиерот и лидер на СДСМ иразува уверување дека невладиниот сектор, неопределените, масовно застанале зад социјалдемократските вредности, затоа што препознале искрени политики за подобрување на квалитетот на живот, наспроти пропагандата на радикалната десница во Македонија.

Но реалноста на европската политичка сцена веќе подолго време покажува поинакви, песимистички трендови за социјалдемократијата која се наоѓа во криза во многу земји. Прашањето кое во последните години доминира на агендата е дали успесите на десничарско-популистичките партии се всушност резултат на атрактивноста на нивните програми, или, пак, затоа што големите социјалдемократски партии не можат повеќе да понудат веродостојна политика.

Последните години, со мали исклучоци, беа тешки за левицата во Европа, нарочно за традиционалните социјалдемократски партии. Од почетокот на овој милениум, а посебно по финансиската криза во 2008 година, според проценките на „Економист“, социјалдемократијата, која доминираше со европската политика повеќе децении, има изгубено третина од својата изборна поддршка.

Падот на социјалдемократите на изборите во Германија, при што најавија дека ќе ја напуштат владата откако претрпеа најлош изборен пораз досега, беа само уште еден во низата неуспеси на социјалдемократијата во Европа. Во март годинава социјалдемократите беа избришани од списокот на носителите на власта по изборите во Холандија, а во Франција социјалистите беа поразени на парламентарните и на претседателските избори. Социјалдемократите лошо поминаа и на изборите во Австрија, а во Чешка се урнаа од претходните 22 на само 7,3 отсто избирачки гласови.

Од 28-те членки на ЕУ социјалдемократите моментно се владејачка партија само во пет земји – и тоа сите на периферијата на Унијата: Малта, Португалија, Шведска, Романија и Словачка. Состојбата е несомнено парадоксална имајќи предвид дека високата невработеност и зголемената несигурност на пазарот на трудот, кои во актуелниов миг се присутни во голем број европски земји, вообичаено им одат во полза на партиите со социјалдемократски предзнак. Недостигот многумина го гледаат и во отсуството на харизматични фигури на левицата кои зрачат со надеж за подобра иднина, во стилот на Герхард Шредер или Тони Блер, чија политика успешно ја комбинираше пазарната економија со социјалната држава.

Времињата на големите реформи во Европа се поминати. Речисти сите граѓани во Унијата имаат здравствено осигурување, пензии и бесплатно основно образование. Многумина имаат законски утврдени минимални плати и колективни договори. Токму затоа, проблемот на социјалдемократите е да изнајдат нови прашања кои можат да ангажираат широки избирачки групи во едно време кога чувството на класна припадност е на пат да биде избришано.

Денес сè повеќе станува нормално еден фабрички работник да биде и десничарски популист или конзервативец, наместо социјалдемократ. Наместо да се свртат кон нови идеи, многумина социјалдемократи погледнуваат наназад и токму како и десничарските популисти мислат оти сè било подобро порано, вклучувајќи ја и сопствената политика. Во таа смисла се и очекувањата дека за оживување на работничкото движење мора повторно и силно да се настапи со консеквентна и жестока реторика за сиромаштијата и рамноправноста.

Факт е дека владејачката коалиција предводена од СДСМ исцрта уште едно и секако важно островче на редуцираната мапа на европската социјадемократија. Но прашањата и дилемите пред македонската социјадемократија се во најмала рака исто толку несигурни во идејаната сфера како и споменатите европски недоумици. Како, на пример, прашањата за кои пред извесно време на една средба со претставници на СДСМ во Шведска се интерсираа нивните шведски социјалдемократски колеги, односно колкав е обемот и на кои пунктови се одвива соработката на СДСМ со синдикатите. Едно од прашањата беше и каква е стратегијата на македонските социјалдемократи за придобивање на младите работници во своето членство. Без оглед што одговорите на вакви и слични прашања веројатно не се доволно охрабрувачки, сепак доволно конкретно укажуваат дека социјадемократијата може да биде јасна во ставовите само доколку храбро и радикално ги поставува своите централни приоритети, се разбира пред сè во непосредна дискусија со избирачите. Во спротивно, идејната суша постепено води кон чекорење – наназад.

Ивица Челиковиќ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e