Заев – Галовеј: Се интензивира соработката со Велика Британија

Премиерот Зоран Заев, се сретна со Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во нашата држава. На состанокот, соопштија од владиниот Сектор за односи со јавноста, заеднички е поздравено интензивирањето на соработката помеѓу двете држави што се случува дури и за време на пандемијата.

Изразено е очекување за уште поактивно унапредување на соработката во сите области, по потпишаната спогодба за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Со тоа, како што е оценето, се создадени можности за проширување на билатералните односи во сите области. Како пример за добрата соработка е посочено и обостраното признавање на возачките дозволи помеѓу двете земји, за што формалните процедури се во фаза на заокружување.

На средбата била соопштена заедничка определба за зголемување на економската соработка, иако Обединетото Кралство и денес е еден од најголемите странски директни инвеститори во земјава.

– Фокусирано работиме на економскиот развој затоа што ни е важен економскиот стандард на граѓаните. Во таа насока веруваме дека НАТО членството е охрабрување и за инвеститорите и од Обединетото Кралство и од другите земји членки, да инвестираат тука. Во тек се и реформите во правосудството, со коишто очекуваме ефикасност и транспаретност во областа, што е важно за европските перспективи на државата, но и за граѓаните и инвеститорите, рекол премиерот Заев, стои во соопштението.

На состанокот биле споделени и информации за справувањето со пандемијата во двете држави.

Премиерот Заев и амбасадорката Галовеј разговарале и за помош и споделување искуства од Велика Британија во областа на безбедноста, владеењето на правото, образованието, медиумите.

Премиерот Заев се заблагодарил на амбасадорката Галовеј за поддршката на кандидатурата на нашата држава за претседавање со ОБСЕ во 2023 година, како и за успешната соработка во областа на одбраната.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e