(ВИДЕО) Филипче за „360 степени“ : Се разгледува можноста за набавка на вакцини против Ковид-19 од Кина

Не се откажуваме од другите два механизми – Ковакс и „Фајзер“ (преку Србија), но сакаме да обезбедиме процес на имунизација кој ќе има континуитет, вели министерот за здравство, Венко Филипче, во изјава за емисијата „360 степени“, објаснувајќи ги причините за купување кинески вакцини.

Филипче очекува „детали во однос на договорот, цената и испораката до крајот на оваа недела“ и вели дека „суштината е во тоа што очигледно е дека производителите кои први успеаја да излезат на пазарот, а тоа е ‘Фајзер’, на пример, имаат проблем со капацитетот“.
Здравствените власти во земјава сериозно ја разгледуваат можноста за набавка на вакцините против ковид-19 на кинеските производители „Синовак“ и „Синофарм“. Информацијата ја потврди министерот за здравство, Венко Филипче, кој во вечерашното интервју за емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат кажа дека со помош на кинеската амбасада во земјава оствариле контакти со тамошните производители на вакцини.

„Чекаме детали во однос на договорот, во однос на цената и испораката и верувам дека до крајот на оваа недела сите овие детали ќе ги имаме. Сега не би сакал да зборувам за рокови, меѓутоа, суштината е во тоа што очигледно е дека производителите кои први успеаја да излезат на пазарот, а тоа е ‘Фајзер’, на пример, имаат проблем со капацитеот. Повеќе европски земји најавуваат и тужби поради неисполнување на договорите, Хрватска го прекинува процесот на имунизација и тоа е нешто што не тера да работиме буквално на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес, без пауза од моментот кога ќе почне имунизација, секако, со сите овие безбедни вакцини“, кажа Филипче во краткото интервју.

На прашањето – дали проблем може да биде тоа што овие вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови, министерот одговори:

„Сосема соодветни се документите, сертификатите што сите производители на вакцини ги имаат од своите матични земји. Во таа смисла, начинот на кој се евалуираат сите резултати од клиничките студии, процесот на изработка на вакцините, конкретно овие за кои зборуваме, е одлично познат на нашите експерти. Токму тоа го анализираа буквално за сите вакцини кои се сега на пазарот, така што, нема никаква административна пречка и, секако, дека нема сомнеж во нивниот квалитет.“

Сепак, Филипче вели дека земјава не се откажува од планираните дози преку Ковакс-механизмот, за што е најавен состанок в петок на кој треба да се прецизира кога и колкава количина вакцини ќе дојдат во земјите кои аплицираа преку овој механизам. Се чека и одговор на „Фајзер“ во делот на деталите од договорот и дозвола за количините кои треба да пристигнат од Србија.

Најавата за можно набавување на вакцини од Кина доаѓа во услови на доцнење на испораката на вакцините на „Фајзер“ и на другите западни производители, за што некои држави членки на ЕУ најавија и судски спорови. Филипче вели дека се обидуваат да обезбедат количини од сите производители за кога ќе започне процесот на имунизација да нема пауза.

По што се разликуваат кинеските вакцини од останатите?

За разлика од вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“, кои се базираат на вбризгување на дел од генетскиот код на коронавирусот во човечкиот организам, кинеските вакцини се создадени на традиционален начин на база на ослабен вирус.

„СИНОВАК“

Вакцината која ја произведува кинеската фирма „Синовак“ од Пекинг се вика „Коронавак“. Функционира на тој начин што користи „ослабени“ делови од вирусот кои потоа го активираат имуниот систем на човекот, без ризик за појава на сериозна форма на ковид-19. „Коронавак“ е традиционален метод на вакцина, кој е успешно применет во многу добро познати вакцини како, на пример, кај вакцината против беснило. Како и сите други вакцини, и за оваа потребни се две дози. Една од нејзините главни предности е што може да се чува во стандардни фрижидери, на температура од 2 до 8 Целзиусови степени.

„Коронавак“ ја помина третата фаза на тестирање во повеќе земји. Податоците од подоцнежната фаза на тестирањата во Турција и Индонезија покажале ефикасното од 91,25%, односно 65,3%. Во Бразил, првично, биле пријавени 78% ефикасност, а потоа 50,4%. Долната прифатлива граница на ефикасност, поставена од Светската здравствена организација, е 50%.

„СИНОФАРМ“

Кинеската државна компанија „Синофарм“ развива две вакцини против ковид-19, кои исто како и вакцината на „Синовак“ се засновани на ослабен вирус. Испитувањата покажале дека ефикасноста е 79%.

За споредба, вакцините на „Модерена“ и „Фајзер“ се мРНА вакцини. Тоа значи дека дел од генетскиот код на коронавирусот се инјектира во телото, со што имуниот систем почнува да прави вирални протеини, но не и целиот вирус, што е доволно за да се истренира имуниот систем за напад.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e