Спасовски: Ги поддржуваме сите заеднички иницијативи во справувањето со миграциските предизвици 

Република Северна Македонија заедно со земјите од регионот ја препознаваат важноста од потпишување меѓународни договори за развивање и зајакнување на меѓународната соработка, истакна Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната министерска конференција на Групата пријатели на Салцбуршкиот форум што се одржа во Виена.

Тоа, според Споасовски, претставува приоритет врз основа на кој се надградува безбедносната и политичката стабилност на државите во Европа.

„Имајќи го ова предвид, изминатиот период бевме иницијатори за потпишување на повеќе спогодби и договори со земјите од соседството, но и од регионот, особено на полето на сузбивање на организирани криминални групи кои вршат кривични дела на криумчарење мигранти и трговија со луѓе“, рече Спасовски.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека министерот Спасовски, презентирајќи ги статистичките показатели, како и низата активности што Владата на Република Северна Македонија, се осврна на проблематиката на заштитата на границата.

„Република Северна Македонија дава неспорна поддршка за сите заеднички иницијативи – формални и неформални – во справувањето со миграциските предизвици и борбата против криминалните појави, кои се нужна последица на миграцијата. Успехот на секоја држава зависи од воспоставувањето на ефективни механизми за меѓународна и регионална соработка и од размена на оперативни информации. Но, она што е најнеопходно е интегриран и системски пристап, кој ќе овозможи воспоставување посебен и единствен безбедносен простор со соодветни правни инструменти, и во насока на заштита на човековите права и слободи, но и за ефикасна борба против криминалците“, потенцираше Спасовски.

На прес-конференција, во рамки на Салцбуршкиот форум, Спасовски пред присутните министри и учесници на форумот упати јасна порака дека без кооперативност, без тесна соработка и координација, ефектите и квалитетот на борбата против криумчарењето мигранти и илегалната миграција, не можат да бидат на максимално ниво.

„Предлагаме и низа конкретни чекори, не само во смислa на ургентно потпишување на т.н. Статус Договор со ЕК што ќе го овозможи користењето на механизмите на Frontex, туку и во смислa на носење пакет-мерки кои ќе овозможат подобра заштита на границите, брзо распоредување на персонал и опрема на Frontex или странски полициски службеници на критични точки на границите, пред сè, во случаи на брзо влошување на состојбата, како и можности за сигурна континуирана размена на информации и податоци, вклучувајќи оперативни сознанија, разузнавачки податоци, продукти од видео и воздушен надзор, сателитски снимки итн. Воедно, ја истакнав и неопходната потреба од зголемување на оперативната соработка со Република Грција, како единствен начин за постигнување на ефективност во постапувањето на полициските службеници од двете страни на границата“, изјави Спасовски .

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e