Сиљановска – Давкова: Слоганот е правда, оти фокус групите го одбраа

Слоганот „Правда за Македонија“ е одбран врз основа на истражувања. Искрено јас не очекував, но најголемиот дел од фокус групите што беа анкетирани го одбраа ова и така мнозинството од оние кои одлучуваа рекоа дека ова е најсоодветното мото, вели претседателскиот кандидат Гордана Сиљановска – Давкова, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Ви пренесуваме дел од интервјуто на Давкова

Госпоѓо Сиљановска – Давкова, слоганот ви е „Правда за Македонија“, на што алудирате повеќе, на правда за Македонија во однос на спорот за името, постигнување на некаква светска правда за Македонија или пак на правда внатре во Македонија, во контекст на судски случаи, правосуден систем итн?

На обете, па дури и на повеќе, правдата има повеќе димензии. Инаку зошто е одбрано ова мото? Врз основа на истражувања. Искрено јас не очекував, но најголемиот дел од фокус групите што беа анкетирани го одбраа ова и така мнозинството од оние кои одлучуваа рекоа дека ова е најсоодветното мото.

Кога е во прашање правдата и правото, јас како некој кој предава Уставно право прво тргнувам од индивидуалната правда и затоа ако сте забележале велам дека во повеќето обраќања кон пратениците најпрво ќе се обратам со повик за право и правда на најобесправените, а и кон надвор, бидејќи веќе многупати сум рекла правото на самоопределување е право за сите нации и индивидуално и колективно и ако важи за сите, треба да важи и за Македонија. Тоа во себе вклучува и право на име, на знаме, на химна и слично. Принципот на немешање се однесува на сите, па и на Македонија итн.

Дел од јавноста забележува дека „правда за Македонија“ под логото на ВМРО-ДПМНЕ наоѓа контрадикторности бидејќи актуелниот почесен претседател се смета за бегалец од правдата во Македонија. Гледате ли Вие во ова контрадикторност, како што забележува дел од јавноста?

Контрадикторноста може да ја барате во однос на ВМРО-ДПМНЕ, но јас и кога ме бираа на конвенцијата и кога ме избраа реков дека гревовите на ВМРО-ДПМНЕ се гревови на ВМРО-ДПМНЕ, јас сум непартиски човек ви благодарам што отворивте порта за мене, но јас себе се гледам како претседател на сите граѓани, а не претседател на членовите и на симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ. Самите тие кои отворија порта за некој кој ги критикувал на линија на која вие говорите за мене е демократски исчекор.

Давањето на мандат за состав на влада, според многумина доведе до насилствата на 27 април. Сега вие во изборната претседателска програма ветувате дека ако станете претседателка мандатот ќе го добие оној што ќе понуди најсигурни гаранции дека навистина има капацитет, односно потребно мнозинство во парламентот. Не ли е овој начин сличен со она што го направи претседателот Иванов?

Не, воопшто, напротив. Тој не побара од господинот Груевски, не побара од ВМРО-ДПМНЕ да даде сигурни докази дека го има мнозинството. Еве уште една причина зошто ние треба да посегнеме по уставни промени. Во овој член недостигаат битни одредби. Во сите Устави и во сите уставни системи има рок, во којшто ако не може ниту една – првата, втората, третата партија не може да направи парламентарно мнозинство, се оди на нови избори.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e