Што луѓе ќе бевте, што ѕверови ќе бевте, што одрод ќе бевте, што поганство ќе бевте бесрамно?

Клетва на македонскиот народ до Царот Николај, неговата царска свита и негоите груевистички слуги.
( автор: Југослав Петровски )
Ако од судот ве спаси судбината,
а од судбината ве спаси судот…
тогаш ќе в стаса клетвата нашата.

Што луѓе ќе бевте, што ѕверови ќе бевте, што одрод ќе бевте, што поганство ќе бевте бесрамно?

Пијавици да бевте, ќе пиевте, ќе цицавте од наша света крв, ќе се причестевте богохулно… па испијанети и набабрени од крв ќе се откиневте, ќе ве отресевме…
Пијавици да бевте, крв ќе ни пиевте – но сепак за исав ќе знаевте!

Болест да бевте, црна чума, ќе нè дробевте, снагата ќе ни ја цедевте, седум кисели постели ќе искиневме, со лут иљач ќе ве падевме, но ќе ве испадевме, на мирис од здравец до сега ќе се израдувавме…
Болест да бевте, жива рана, ќе ви гноеше бесот, ќе гноеше – па ќе стивнеше, корупка куртул ќе се сторевте; од вас век – од вас и лек ќе имаше…

Црвје да бевте, нашето месо леб ќе ви беше, ќе јадевте, ќе пирувавте, и ќе се наситевте…
Црвје да бевте, до коски ќе нè глодавте, барем коските ќе ни ги оставевте, по коските гробот да може да ни се познае…
Црвје да бевте, коските наши наша пркос ќе беа, од нив забите ќе ви се сронеа!

Слана да бевте, онаа слана најлута – родојадна; плодницата ќе ни ја запустевте, со години само со глад деца ќе раневме, па пак децата ќе ни исфиданчеа, ќе ни раскрилеа, ќе полетеа…
Слана да бевте, зад вас пепел ќе оставевте, но во таа пепел семе ќе завиевме, досега леб ќе ни изртеше – гладта ќе си ја успокоевме…

Душмани да бевте, од крв ослепени во својот бес, гареж домовите ќе ни ги сторевте, печалот ќе ни го земевте, честа ќе ни ја згазевте… па ќе се наситевте, жал срцето ќе ви го раскравеше, досега од вас ќе куртулевме…
Душмани да бевте, од душа душа да ни вадевте, за одушка миг ќе имавме!

Што луѓе ќе бевте, што ѕверови ќе бевте, што одрод ќе бевте, што поганство ќе бевте бесрамно?

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e