Али Ахмети и ДУИ се факултативни Албанци, сезонски Албанци. ДУИ преку предлогот Албанец премиер сака да опстои и да ги задржи гласачите што ги имаше, со што загубата на изборите да не им биде голема. Ова во интервју за МИА го изјави претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, прашан да ја искоментира изборната стратегија на ДУИ за премиер Албанец.
– Мислам дека не е првпат, ова јас го предвидував и најавував за време на локални и претседателски избори. Тогаш ние поддржавме кандидат Албанец за претседател, a Али Ахмети тогаш се шегуваше со нашиот предлог, иако целта наша беше албанските гласачи да ги држиме во албанските политички партии. Од друга страна, јас уште тогаш имам најавено дека ќе ги гледате овие факултативни Албанци. Али Ахмети и ДУИ се факултативни Албанци, сезонски Албанци, кога на локални избори не им пречи со Љубе Бошковски или со кој било да одат заедно и да се повикуваат на граѓанството. На претседателските избори, бидејќи знаеја дека длабоко ќе губат на тие избори ако излезат со нивен кандидат, правеа кампања и во првиот круг го поддржаа кандидатот на СДСМ. Уште тогаш најавив дека кога ќе дојдат парламентарните избори тие веднаш ќе станат големи патриоти, што не се. Ниту големи Албанци, не се, оцени Села за МИА.
Според него, предлогот на ДУИ излегол по анкетите на ИРИ, според кои, како што кажа Села, ДУИ бил зад Алијанса за Албанците.
– Тоа го натера Али Ахмети да излезе со овој предлог, ама и не е првпат. Паметите ли во 2014 кога Али Ахмети излезе со идејата за консензуален претседател, тоа беше единствена можност Албанците да бојкотираат, а кога си на власт да можеш да го контролираш за да не излезе, за да победи Иванов уште еден мандат. И две недели после тоа беа парламентарните избори. ДУИ тие две недели зборуваше и ветуваше Али Ахмети дека ние веќе кога немаме премиер и претседател што во државата не е консензуален, ние нема да попуштиме со претседателот на Собранието да биде Албанец. Што се случи, одма после изборите пак се гушкаа со Груевски и со ВМРО, и дури и правеа натпревар со ДПА, кој прв ќе го гласа Трајко Вељановски за спикер на Собранието. И на прашање на новинар зошто ги лажеше Албанците, Али Ахмети рече „јас сум разумен политичар“, рече Села.
Тој, вели Села, уште е разумен политичар, ама, како што рече, вака си прави игри пред гласачите и го крева адреналинот кај Албанците за да придобие што повеќе гласови. -Од друга страна, за жал во неговата намера му помагаат и двете македонски партии, за нив прилагоден партнер би бил ДУИ, оценува Села за МИА.
Претседателот на Алијанса за Албанците, во интервјуто за МИА, оценува дека не треба да има валкана кампања, во која речиси секојдневно одекнуваат „бомби“ и оти тоа треба да биде предмет на судството, а не на политичките партии.
-Во јавноста имаше многу прислушувани разговори од страна на ДУИ со секакви квалификувања од нивниот лидер, што во однос на она фамозното „Индијанци“ на Гордана Јанкуловска, квалификувањата на Али Ахмети за Албанците беа уште полоши. Без разлика, не се занимаваме со таа тема. Ние сакаме да покажеме дека сме различни, дека треба да дојде промената, не само физички, но и суштински треба да се променат работите во ова општество, вели Села за МИА.
Со лидерот на Алијансата за Албанците разговаравме и за клучните темели во нивната програма со кои ќе ги привлечат гласачите, за тоа како ќе се борат против корупцијата, за можни предизборни коалицирања…
Села ги соопшти петте клучни работи со кои ќе ги привлекуваат гласовите на граѓаните.
-Нашиот слоган е „Сега е време“ за промена. Од друга страна, нашата програма се вика „Држава за сите“, бидејќи цениме дека досега Република Македонија и Северна Република Македонија државата немала ист пристап кон сите граѓани што живеат во Република Македонија и од друга страна преку ова сакаме да решиме некои отворени прашања коишто до ден денес се актуелни, веќе над 30 години се нерешени. Имаме шест главни столбови од кои првиот столб е еднаквост, вториот столб е рамномерен развој и тоа што стои во законите треба да се почитува, нели Законот за рамномерен економски развој никогаш не се почитувал, било од бившиот режим било од сегашната Влада или налик на режим некаков. Дигитализација и животна средина и многу други мерки што треба да се имплементираат. Една од нашите главни цели за првиите сто дена е да се донесе закон за правична застапеност. Треба да имаме таков закон, тоа е уставно гарантирано право за сите граѓани и треба преку законот еднаш засекогаш да се стави крај на оваа манипулација која ден денес се гледа и го имаше пред избориве кога само со една изјава некој си земаше за право да пишува дека се чувствува Албанец, Турчин или Ром и да им го заземе работното место на Албанецот, Турчинот, и Ромот нели. Тоа не треба да се дозволи и преку закон на тоа ќе се стави крај. Нашата платформа е направена како последица на средби со граѓани и јас лично сум бил присутен во сите села и населби во државата пред да почне кампањата и пред да се прогласат изборите на 12 април.
Знаете дека уште ден денеска ретко може да се најде село што го има решено проблемот со вода за пиење, а од друга страна не само села, туку имаме и градови што го немаат решено овој проблем. Во нашата програма ние планираме инвестиции директни во селата и населбите во градовите кои се останати без никаква инвестиција. Тоа значи од 400 милиони евра просечно колку државата троши на капитални инвестиции, 100 милиони ќе се доделат секоја година. Ветуваме 500 милиони евра за инвестиции директно во селата каде што има проблеми со инфраструктура, со цел после четири години овој проблем веќе да биде решен и да немаме граѓани кои секогаш им имаат ветувано веќе 20 години дека ќе го решат тој проблем, никако го немаат решено.
Постојат и други работи, една од тие работи кои треба да се решаваат, тоа го имаме исто така во програмата, треба да има промени во Законот за државјанство и не треба да дозволиме граѓани кои живеат тука пред осамостојување на Република Македонија до ден денес да немаат државјанство, а тоа значи во време на оваа пандемија немаат ни здравствно осигурување. Има случаи кога син или ќерка наместо да се грижат за тоа што го имат изгубено најмилиот, треба да бараат пари негде за да го земе од болница бидејќи нема здравствено осигурување. Значи секое барање што е направено и што е постаро од пет години, со автоматизам треба да земат државјанство и да биде граѓанин на Република Северна Македонија. Не треба да дозволиме преку некој допис од УБК, стара баба или дедо над 80 или 90 години биле ризични за државата и да не земат за државјанство. Такви случаи ги имаме секојдневно. Преку законот за правична застапеност, не е само етничкиот аспект, преку тој закон сакаме да решиме и други проблеми, половата еднаквост на пример, тој закон треба да служи и за тоа. Не се решава половата еднаквост преку една третина или пола претставени жени во Собрание, или со волјата на некоја политичка партија дека ќе имаме толку министри или функционери. Тоа што е важно е администрацијата, минимум треба да биде 50-50 и тоа ќе се реши преку овој закон. Ние живееме во држава каде што над 10 отсто од вкупниот број на населението се граѓани со посебни потреби и таа категорија на граѓани треба да биде предвидена во овој закон за правична застапеност. Значи ова е многу поопширна димензија, мислам дека треба како политики треба да се грижиме за секој граѓанин.