Ременски: Нема да плаќаат партиципација за лекување лицата со попреченост

Прес конференција
Фросина Ташевска-Ременски, министер за труд и социјална политика

Решивме голем проблем за најранливите категории граѓани кои досега мораа да плаќаат партиципација при лекувањето само затоа што Фондот за здравствено осигурување и ова Mинистерство си ја префрлувале одговорноста која институција да им издаде потврда.

Меѓу првите чекори што ги преземав е решавањето на овој проблем.

Иницирав состанок со претставник на Фондот за здравствено осигурување и ги усогласивме чекорите за идно постапување.

Не постојат законски пречки за ослободување од партиципација за децата со посебни потреби, корисниците на постојана парична помош, лицата сместени во установи за социјална заштита и во друго семејство и лицата со интелектуална попреченост без родителска грижа согласно законот за социјалната заштита.

За таа цел изготвивме и до Центрите за социјални работи ги доставивме осумте унифицирани потврди за статусот на корисникот на едно од горенаведените права.

Со тоа обезбедивме поедноставено и поефикасно остварување на правото на ослободување од партиципација и го надминуваме недоразбирањето која институција ги издава потврдите.

Сега центрите за социјална работа, во зависност од тоа дали корисникот е здравствено осигуран преку МТСП или по друг основ, се задолжени да издадат потврда, согласно основот на осигурување.

Дословно тоа значи дека:

Едниот вид на потврда ќе се издава на децата со посебни потреби, корисниците на постојана парична помош, лицата сместени во установи за социјална заштита и во друго семејство и лицата со интелектуална попреченост кои што без родителска грижа, кои како корисници се здравствено осигурени преку МТСП, во која ќе биде нагласено дека истите се ослободени од партиципација и средствата за партиципација ќе бидат наплатени од МТСП.

Вториот вид на потврда ќе се издава на горенаведените корисници кои се здравствено осигурени по други основи. За овие корисници Центрите за социјални работи ќе издаваат потврда дека се корисници на конкретното право и дека потврдата се издава за да послужи за ослободување од партиципација за здравствени услуги, која целосно ја покрива ФЗО.

Центрите за социјални работи веќе задолжително постапуваат по оваа писмена инструкција, а од денес сите корисници кои имаат потреба од добивање на ваква потврда, можат да ја добијат.

Нашиот приоритет е грижата за корисниците и за граѓаните и така ќе продолжиме да работиме!

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e