Предлогот за формирање на анкетна комисија за работата на СЈО во петок пред пратениците

Предлог на одлуката за основање на анкетна комисија за работата на Сепцијалното јавно обвинителство од основањето до 15 септември годинава во петок ќе се најде на пленарна седница пред пратениците.

Според собраниски извори на Локално, владејачкото мнозинство се уште се договара како пратениците ќе гласаат на пленарната седница, откако претходно барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше вратено на доработка, поради недостатоци.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на прес конференција тогаш обвини дека се сомнева оти наместо претседателот на Собранието, Талат Џафери, на документот се потпишала собраниската генерална секретарка, Цветанка Иванова.

Од кабинетот на Џафери преку соопштение рекоа дека пропустите се од технички карактер, односно дека треба обвинителството да биде напишано со целосното име, наместо Република Македонија да стои уставното име, Република Северна Македонија, како и да се наведе името и презимето на собранискиот спикер.

Опозицијата предлага во оваа комисија да членуваат 11 пратеници, четири од владејачката СДСМ, три од ВМРО-ДПМНЕ и по еден член од ДУИ, Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алтернатива и Алијансата за Албанците. Претседател и заменик претседател на комисијата, според предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, треба да биде од нивната партија.

Од таму предлагаат да се разгледуваат финансиското работење, наводите за непотизам во вработувањата во СЈО, законитоста во постапките на обвинителството, како и изготвување на препораки со цел превенирање на незаконското постапување на јавните обвинители и подобрување на законската материја со која се регулира областана од правосудството. Се предлага и изготвување на наоди со кои потоа би се покренала постапка за утврдување на одговорност на обвинителите и носителите на јавни функции инволиврани во работата на СЈО.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e