Околу 2.600 студенти гласале на референдумот, резултати ќе има вечерва

Околу 2.600 студенти го искористиле правото да гласаат на првиот студентски референдум кој го организира „Студентски пленум“ половина час пред затварањето на гласачките места. На референдумот студентите се изјаснуваат какво студентско организирање сакаат.

Од пленумот велат дека се задоволни и изненадени од излезноста на студентите, а официјални резултати од референдумот најавуваат вечерва по броењето на гласачките ливчиња.

– Задоволни сме од излезноста, затоа што гласањето на изборите за претседател на Студентскиот парламент сигурно немаше 5.000 гласа како што тврдат туку максимум 300-400 – вели за „Мета“, Деа Здравковска од „Студентски пленум“.

Референдумот се одржува на 20 факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Од Пленумот велат дека гласањето се одвивало во мирна, фер и демократска атмосфера. Гласањето не почна на Ветеринарен, Земјоделски и на Факултетот за физичка култура затоа што немало пријавени волонтери.

Неочекувано на Правниот Факултет се појави доскорешниот министер а сегашен директор на БЈБ, Митко Чавков. Припадниците на студентскиот пленум ја искористија можноста да го прашаат Чавков по чија команда полициските специјалци ги избркаа студентите за време на студентските избори.

Зошто Чавков денеска беше во посета на Факултетот и дали тоа е поврзано со студентскиот референдум нема одговор и од МВР.

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ има 25.976 студенти.

Извор: Мета

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e