Коѕијас: По ветото од Макрон, Грција треба да преземе иницијативи за стабилност на Балканот

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, за време на прес конференцијата „За прогресивна надворешна политика“, организирана од Институтот за алтернативни политики „ЕНА“ потенцираше дека Грција треба да преземе иницијативи и да се координира со земјите што го делат истиот став за стабилност на Балканот.

Тој упати критики до актуелната влада за политиката што ја следи, рече дека „гледа кон внатрешноста, како што во голема мерка гледаше и Макрон“ и објасни дека надворешна политика не се води гледајќи кон внатрешноста на земјата. Порача дека се потребни иницијативи и активности.

„Јас верувам дека Грција треба да преземе иницијативи. Грција треба да одржи средби со други држави кои се со истиот став за стабилност на Балканот. Треба да ја поддржи италијанската иницијатива“, рече Коѕијас и истакна дека и тој лично заедно со неговите пријатели министри за надворешни работи и поранешни министри ќе преземат иницијативи за европската перспектива на Северна Македонија.

„Ако Макрон ја изразува неговата лутина кон Германците, бидејќи не направија продлабочување на европското обединување, ако ја изразува неговата лутина кон Европскиот парламент, бидејќи министерката за одбрана на Германија ја избра за претседател на комисијата, а неговата министерка одби да ја избере за член на комисијата, ако е лут, и со право, што Американците не го известија дека ќе се повлечат од Сирија, ако ги видиме неговите внатрешни случаи и стравот од Ле Пен итн, Ако ги видиме сите овие работи, зошто да не стави вето? Јас ги прашав луѓето што ги знам во Франција, како реагира општеството на ветото на Макрон и ми велат одушевени се, задоволни се“, рече Коѕијас анализирајќи ја позицијата на францускиот претседател во однос на европската перспектива на Северна Македонија и Албанија.

Во однос на Преспанскиот договор, Коѕијас анализираше дека сега, Грција и Северна Македонија, освен спроведувањето, може да следат неколку насоки.

„Едната е да се обидат да го поништат договорот. Ви велам од сега, дека тоа не е лесно. Северна Македонија некаде во февруари, почеток на март ќе влезе во НАТО. Под кое име ќе влезе? Под Северна Македонија. Република Македонија веќе не постои“, рече поранешниот министер за надворешни работи на Грција.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e