Еден да решава, а другите само да мрчат?!

Искрено, се плашев дека бојкотот на Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе трае подолго, но се чини дека е добро што новото раководство не губи време и што решило да ги послуша надворешните совети за што побрзо враќање „во живот“, по клиничката партиска смрт со натегањата околу конечната политичка и правна судбина на Груевски. Дури не е ни важно што е поводот патетичен: во одбрана на македонската унитарна држава, ќе докажуваат дека Законот за јазици е неуставен.  

Сепак, со враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието за расправата за непотпишаниот, од Иванов, Закон за јазици, се отвора можност да се искористи таа прилика и да се интервенира со оние неопходни амандмански промени во Законот коишто, откако ќе се усвои, ќе го направат полесно спроведлив во практиката. Ни на Албанците, а ни на Македонците не им треба законско уредување за оваа материја коешто, како што се слушна во некои конструктивни експертски анализи, е технички, во важни аспекти, нејасно или неспроведливо.

Со тоа ќе се избегнат недоразбирањата, инцидентите и политичките провокации коишто можат да ја искомпликуваат примената на законот во годините што доаѓаат. А законот крена доволно националистичка енергија во Македонија за да се искористи секоја можност за негово практично „торпедирање“.

Но, бидејќи опозицијата нема намера законскиот предлог да го подобрува, туку да докаже дека целиот проект е неуставен и политички штетен (со еден збор, „предавнички“), а власта на тоа ќе одговори со инает и тврдоглаво инсистирање само на постоечкиот законски текст, до подобрување на законските одредби нема да дојде. Кавгата ќе биде долга и широка, навредите ќе се унапредат и продлабочат, а на крајот ќе победи гласачката собраниска машинерија на мнозинството. Законот ќе се донесе, таков каков што е.

Така изгледа македонскиот политички процес откако влеговме во ова државно уредување што се нарекува демократија. Суштинскиот политички судир по линијата на она кој како ги одредува националните интереси во државата се преточува во тврдоглавост и несоработка и за технички и за практични аспекти на законите по кои, потоа, (не) функционира општеството. На тоа се накалемува политичка арбитрарност за да може несовршените закони да се спроведуваат, што го кородира целиот систем на државна администрација и правосудство.

Во таква атмосфера ќе го дочекаме и разрешувањето на проблемот со името. Декларативно, сите велат дека е време проблемот да се реши, спорот да се затвори, а Македонија да влезе во НАТО и да почне преговори со ЕУ. Фактички, пак, на многумина им е гајле само тоа како ќе се одрази решавањето на проблемот врз нивната политичка кариера, особено веќе на наредните избори. Тие би го жртвувале Заев во процесот, само ако им успее самите да се провлечат со кревање раменици и загрижени туфкања.

Мене, некако, ми се чини дека таа работа, овој пат, нема да може туку така да помине. Како што и самото учество на ВМРО-ДПМНЕ на собраниската расправа за Законот за јазици го „визира“ самиот Закон како легитимно донесен, така и разрешувањето на спорот со името нема да може да се сведе на тоа еден сам да одработува, а сите други само да мрчат!

Затоа и мислам дека влезот на опозицијата во Собранието по повод Законот за јазици е, всушност, само вовед во споделувањето на широката партиска и политичка одговорност за пробивот на патот за македонските евро-атлантски интеграции низ разрешувањето на спорот со името. Нема друго, така и треба да биде.

Сашо Орданоски

Извор: ЦИВИЛ Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e