Братучед му на Мугабе

Да се прашуваше Груевски, тој својата политичка кариера веројатно ја проектираше како онаа на Роберт Мугабе: партијата да ја претвори во движење, земјата да ја стави под комплетна политичка и економска контрола на таквото движење, на чело со него, а самиот на таквата позиција да доживее деведесет (и три) години (како Мугабе), пркосејќи на „странскиот фактор“ и апсејќи и тероризирајќи домашни „предавници“ до последен свој, а и нивен здив.

Да сме во Африка, можеби тоа на Грујо и ќе му појдеше од рака. Бидејќи сме во Европа – а и заради милион други причини – планот на Грујо излезе пократок за дваесетина години од оној на Мугабе, кој со Зимбабве владееше од 1987 година. Обајцата, конечно напуштени и од својата партија, оперетски ја завршуваат својата политичка кариера.

Не знам за братучедите на Мугабе, но братучед му на Грујо за последниве десетина години накрцкал такво богатство, што и само малиот дел од неговото набројување во последниот број на неделникот „Фокус“ зема десетина страници. Тоа е таа патриотска варијанта на голема љубов кон татковината, изброена во толку милиони евра колку што е неколкугодишниот дефицит на државниот буџет.

Нормално дека во оваа евро-африканска држава нема кој да го праша од каде му пари да стане сопственик на половина држава? Бидејќи, нели, и пред да влезе во политика, „он бил успешен бизнисмен“…

А од нас се очекува да расправаме за МПЦ, за односите со соседите, за компромисите за прием во НАТО и ЕУ, за интервјуто на Вице Заев, за Казандол, за заштитата на градежните работници и за платите во АРМ, за есенското загадување на воздухот и за посетата на диско клуб на Фатиме Фетаи. И ако може за врат да се фатиме за некои од овие теми, докажувајќи кај кого се посилни аргументите.

А тој, лабаво – додека ДПМНЕ е паднато на под 40 пратеници во Собрание – се пазари со СЈО да го признае делото за кое е лесно обвинет. И да го заборавиме за век и веков. Набрзо потоа и ќе си замине на многу поубаво место од ова, каде нема ни да го стигнат клетвите на овдешниве очајници.

Да не ве лаже никој: криминалот во оваа европска држава сѐ уште африкански се исплатува.

Сашо Ордановски

Извор: ЦИВИЛ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e