Знаци кои откриваат дека вашиот црн дроб е во сериозна опасност

Црниот дроб е најголемиот орган во човечкото тело, анатомски е едноставен, но функционално е многу сложен. Се наоѓа во десниот горен дел на стомачната празнина и поголемиот дел му е заштитен со ребрата. Се состои од лев и десен лобус.

Црниот дроб помага за варење на храната, ја чува енергијата и ја дистрибуира по потреба, а важна негова улога е и отстранувањето токсини. Тој извршува повеќе од 500 различни функции во организмот.

Болестите на црниот дроб настануваат од различни причини, но сите тие можат да го оштетат и да влијаат врз неговата функција. Нарушената функција на црниот дроб влијае врз целиот организам, па затоа многу е важно навреме да се воочат промените и да се оди на лекар за да се одбегнат посериозни болести на црниот дроб и посериозни последици.

Кога црниот дроб не функционира правилно, тоа ќе ви го покаже на неколку начини:

1. Губење апетит

Доколку имате малку или воопшто немате апетит, ова е еден од знаците на предупредување дека вашиот црн дроб е оштетен. Ако забележите губење на апетитот, а претходно сте јаделе сосема нормално, одете на лекар.

2. Неурамнотежен сон

Многу работи можат да влијаат врз нарушувањето на сонот, но едно истражување открило еден од можните виновници за тоа, а тоа е цироза на црниот дроб. Цирозата на црниот дроб не е секогаш условена од претераното консумирање алкохол, како што ни замастениот црн дроб не е секогаш условен од преголема количина на масна храна.

3. Проблеми со помнењето

Да заборавите за момент каде сте ги оставиле клучевите од автомобилот е една работа, но ако често заборавате работи во последно време, можеби постои причина за тоа. Кога ќе се појават проблеми со црниот дроб, овој орган не може правилно да ги отстранува токсините од крвта, што може да доведе до нивно насобирање во мозокот.

4. Постојан умор

Доколку се чувствувате уморно и кога ништо не сте правеле, можно е да се работи за некоја болест на црниот дроб. Еден од најверојатните знаци на оштетување на овој орган е хроничниот умор, покажало едно истражување.

5. Јадеж и промени на кожата

Еден од првите знаци на оштетување на црниот дроб е јадеж на кожата. Секако, ова може да се случи и поради сувост на кожата, но ако овој симптом зачестено се појавува, може да укажува на цироза на црниот дроб. Сѐ повеќе научници ги поврзуваат псоријазата и заболениот црн дроб. Црвените лезии на кожата покриени со бели лушпи многумина ги поврзуваат со механизмот на ослободување токсини од црниот дроб, која е загушена или преплавена, па не успева да ги преработи и елиминира внесените отрови поинаку, туку ги исфрла на кожата. Меѓутоа, овој механизам сѐ уште не е научно докажан.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e