Знаци дека сте прекумерно дебели

Прекумерната дебелина (гојазност) стана еден од најголемите здравствени проблеми во целиот свет.

Четири милиони луѓе умираат секоја година како резултат на прекумерна дебелина, според Светската здравствена организација (СЗО).

„Денес има повеќе прекумерно дебели отколку неухранети луѓе во сите делови на светот, освен во субсахарска Африка и Азија. Во минатото, дебелината се сметаше за проблем само во земјите со високи приходи, а сега има драматичен пораст на телесната тежина и дебелината во земјите со низок и среден приход, особено во урбаните средини. Повеќето дебели деца живеат во земјите во развој, каде што стапката на раст беше за 30 отсто поголема отколку во развиените земји“, истакнува СЗО.

Неодамнешни истражувања покажаа дека прекумерната дебелина е висок ризик фактор за рак на дебелото црево и рак на матката.

Д-р Стејси Џ. Стивенсон откри како ќе знаете дали сте прекумерно дебели или сте изложени на ризик од прекумерна дебелина.

Индексот на телесна маса е 30 или повисок

Индексот на телесна маса (BMI) не е совршен показател за здрава тежина, но е најдоброто што го имаме и во повеќето случаи прилично точно покажува дали некој има прекумерна тежина, посочува докторката.

Индексот на телесна маса се пресметува со делење на телесната тежина на една личност во килограми со квадратот на висината во метри, а има и голем број онлајн калкулатори кои ќе ви ја олеснат оваа работа.

Како општо правило, BMI помеѓу 18,5 и 24,9 укажува на здрав опсег на тежина. Од 25 до 29,9 се смета за прекумерна тежина, а сѐ што е над 30 укажува на прекумерна дебелина. BMI под 18,5 се смета за премногу низок, што исто така е поврзано со здравствени ризици.

Преголем обем на половината

Се верува дека обемот на половината кај жените не треба да надминува 80 сантиметри, а кај мажите 94 сантиметри.

„Обемот на половината е добра општа мерка за прекумерна тежина бидејќи може да укаже на висцерална маснотија, која е најопасниот тип на масно ткиво. Луѓето со обем на половината поголем од 80 и 94 сантиметри, соодветно, се изложени на поголем ризик од хронични болести поврзани со дебелината, вклучувајќи дијабетес тип 2, коронарна артериска болест и висок крвен притисок“, вели д-р Стивенсон.

Остеоартритис особено во колената и стапалата, апнеја, хронична болка

Д-р Стивенсон вели дека секој може да страда од овие три состојби, но тие во голема мера се поврзани со дебелината.

„Прекумерната тежина врши преголем притисок врз зглобовите на коленото и стапалото. Дебелината, исто така, го зголемува ризикот од опструктивна ноќна апнеја, што само по себе го зголемува ризикот од срцеви заболувања, висок крвен притисок, отпорност на инсулин, системско воспаление, таложење на висцерални маснотии и нездраво ниво на холестерол“, тврди таа.

Конечно, вишокот телесни масти ослободува воспалителни медијатори кои водат до оксидативен стрес и го зголемуваат ризикот од многу различни хронични болести – од срцеви заболувања и дијабетес до депресија и болести на бубрезите. Ова зголемено воспаление, проблеми со спиењето и можна депресија може да доведат до состојба на хронична болка, која е честа појава кај луѓето со прекумерна дебелина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e