Утринскиот тренинг бара здрава и обилна вечера, интензивно загревање и квалитетен сон. Од друга страна, вечерниот тренинг бара да имате енергија во текот на денот.
Фитнес тренерите се согласуваат со тоа дека и двата термина за вежбање се корисни, но дека изборот е индивидуална одлука која зависи од неколку фактори.
Позитивни страни на утринскиот тренинг:
Ќе почнете да се храните поздраво
„Кога ќе почнете да работите на подобрување на вашето здравје, ќе се трудите да го одржите стандардот на високо ниво“, вели фитнес експертот Зек Дели.
Голем број од луѓето кои вложиле напор за да ослабат или да се „набилдаат“ знаат колку е тежок и макотрпен процесот низ кој мораат да поминат додека го одржуваат нивното тело. Поради тоа огромен дел од нив се адаптираат на здрави животни навики, за да не им се вратат на пороците.
Ќе го намалите крвниот притисок
Луѓето со висок крвен притисок често имаат потреба од лекови кои им ја контролираат оваа релативно опасна состојба. Но, промените во животниот стил како што е вежбањето наутро можат да бидат од помош.
Научниците докажаа дека оние луѓе кои секојдневно вежбаат наутро успеале да го намалат крвниот притисок за 10%. По вежбањето, притисокот ќе остане нормален а вечерта пред спиење дополнително ќе се намали.
Подобрување на расположението
Во текот на вежбањето телото ослободува ендорфин, кој е во основа природен лек против болка. Ако на мозокот почне да му делува ендорфинот уште рано наутро, тогаш со сигурност ќе се чувствувате подобро и ќе бидете расположени, што ќе ви овозможи совршени услови за позитивен и продуктивен работен ден.
Повеќе слободно време попладне и навечер
По напорниот работен ден голем дел од луѓето сакаат да одморат со тоа што ќе си легнат во кревет, па затоа тешко е да се замисли дека било што може да ги убеди дека во ваквите моменти треба да посетат теретана. Но, ако вежбаат наутро, ќе имаат повеќе време за одмор, но и за активности во текот на денот и вечерта.
Квалитетен сон
Експертите напоменуваат дека луѓето кои вежбаат рано наутро имаат поквалитетен сон навечер. Тоа е сосем логично, бидејќи вежбањето наутро ви го активира телото и му дава енергија во текот на целиот ден, а вечерта сте веќе изморени и полесно заспивате.
Позитивни страни на вечерниот тренинг
Иако многу се зборува за предноста на утринското вежбање, вечерниот тренинг има свои позитивни страни.
Ова се трите предности од вечерниот тренинг, според фитнес експертите:
Подобар сон
Не станува збор само за поквалитетен сон, туку и временски подолг сон во споредба со луѓето кои вежбаат наутро или во попладневните часови. Утрото после квалитетен вечерен тренинг ќе се разбудите подобро расположени, поодморени и позадоволни.
Крвен притисок
Многу истражувања покажуваат дека вечерните тренинзи го намалуваат крвниот притисок за 15% во споредба со луѓето кои вежбаат наутро или воопшто не вежбаат.
Побрзи резултати
Нивото на тестостерон е повисоко во вечерните часови, што го поттикнува растот на мускулното ткиво, што значи дека поголеми се шансите дека за пократко време ќе забележите поквалитетни резултати.
Најважно е да вежбате и да се чувствувате добро и задоволно од постигнатите резултати. Во секој случај, сѐ е подобро од тоа воопшто да не вежбате или да пропуштите тренинг.