Ни доаѓа сѐ постудено време со кое доаѓаат и почести настинки, а еден од најчестите симптоми што се јавува е гребење или болки во грлото. За среќа, постои едноставен, природен начин да се ослободите од овој досаден проблем.
Потребни ви се само две состојки: вода и сол. Исплакнувањето на грлото со солена вода е лек што го користеле нашите баби, и е многу корисен за настинки, инфекции на синусите и други поблаги проблеми.
Овој древен лек може да го користат и деца постари од 6 години, односно сите оние кои можат да гаргараат со вода.
Научно е докажано дека солта помага да се повлече водата од ткивата во усната празнина, создавајќи солена бариера која го спречува враќањето на штетните патогени. Ова значи дека испирањето на грлото со солена вода всушност ги блокира вирусите и бактериите, го намалува ризикот од инфекции на устата и грлото и го ублажува воспалението во некои поблаги случаи.
За да направите солена вода за плакнење на грлото, треба да измешате една четвртина (или најмногу половина) лажичка сол со 230 милилитри вода.
Најдобро е водата да биде топла, а не врела, бидејќи топлината на водата малку ќе го ублажи гребењето и болката во грлото. Покрај тоа, солта полесно ќе се раствори во топла вода. За оваа цел можете да користите било каков вид на сол.
Откако ќе ја подготвите солената вода, правете гаргара во грлото онолку долго колку што можете. Потоа протријте ја низ устата и забите, а на крај исплукајте. Препорачливо е ова да го правите најмалку двапати дневно, а нема да има несакани ефекти дури и да го повторувате неколку пати на ден.
Нормално, доколку болката продолжи, консултирајте се со лекар.