Гастроинтестиналниот тракт е многу чувствителен, особено при преодот од едно во друго годишно доба, а тоа неретко подразбира и промена на намирниците кои секојдневно ги консумираме.
Начинот на исхрана секако влијае на здравјето, а особено на состојбата на нашиот стомак. Некои намирници можат да предизвикаат дополнителни проблеми со варењето додека други го стимулираат истото, лесно се разложуваат, ја чуваат цревната микрофлора, спречуваат надуеност и успешно го регулираат проблемот со опстипација или дијареја.
Чајна мешавина против надуеност
За смирување на цревата подгответе чај од половина лажичка цветови камилица и половина лажичка листови од мента и додајте малку мед и лимон. Пијте го голтка по голтка доколку имате проблем со лошо варење или надуеност.
Чај од ѓумбир
За решавање на проблемот со надуеност и подобро варење искористете ја моќта на ѓумбирот. Прелијте неколку мали парчиња корен од ѓумбир со 300 милилитри зовриена вода, поклопете и оставете да отстои 10 минути. Потоа процедете, засладете со мед и консумирајте го пред или по јадењето за да ја подобрите дигестијата.
Топла вода со лимон
Наутро на празен стомак испијте чаша топла вода со лимон. Овој напиток е здрав, го буди организмот и ве исполнува со енергија, а покрај тоа е одличен за дигестијата и помага при слабеење. Растворете една до две лажици свежо исцеден сок од лимон во чаша топла вода и испијте го напитокот пред појадок.