Не ги игнорирајте! Ова се симптомите на воспалено слепо црево

Слепо црево е всушност црвовиден израсток чиј лумен е поврзан со почетниот дел на дебелото црево. Локализиран на 2 сантиметри од спојот на тенкото и дебелото црево. Овој орган ја изгубил својата функција во тек на еволуцијата. Се наоѓа на десната страна , но се случува, иако многу ретко, слепото црево да биде сместено и на левата страна.

 

Воспаление на слепото црево е најчеста причина за ургентна хируршка интервенција. Започнува со ненадејна, јака болка во стомакот која е од непознато потекло и која трае помалку од 24 часа. Ова е итна медицинска состојба за која е потребна брза и точна дијагноза.

Во продолжение ве советуваме како да препознаете воспаление на слепо црево и кога да се јавите на лекар?

КОГА НАЈЧЕСТО СЕ ЈАВУВА ВОСПАЛЕНИЕ НА СЛЕПОТО ЦРЕВО?

Воспалението на слепото црево настанува како резултат на затнување на тесниот лумен со различна содржина или поради влијанија од околината ( копролити, туѓо тело, цревни паразити, зголемено лимфно ткиво или тумор). Може да се јави кај секој човек независно од полот и возраста, но,сепак, почесто се јавува кај млади луѓе, деца и адолесценти, а многу поретко кај постари лица или деца до две години. Кога еднаш ќе настане, ако не се реши навреме, воспалителниот процес напредува и може да се јават потешки форми на воспаление, како што се флегмона,гангрена или перфорација. Овие состојби ако не се дијагностицираат и хируршки не се решат навреме може да предизвикаат и смрт на пациентот.

КОГА СЕ ЈАВУВААТ СИМПТОМИТЕ ОД ВОСПАЛЕНИЕТО?

Во почетната фаза воспалението на слепото црево типично се манифестира со појава на неодредена болка во стомакот во предел на папокот која е присутна неколку часа и најчесто е придружена со губиток на апетит, гадење и повраќање. Во наредниот период болката мигрира и се локализира во десниот долен дел на стомакот кој станува чувствителен при допир. Од симптомите се јавува и покачена температура, а можно да се јави и дијареја, отежнато мокрење, отсуство на столица и гасови, како и силни болки во стомакот. Ова е состојба која укажува на сериозно воспаление на стомачната празнина, а се препознава со тоа што стомачниот ѕид станува цврст, а болката неподнослива.

Симптомитесе јавуваат во период од 12 до 24 часа. Многу често клиничката слика на воспаленото слепо црево може да се манифестира нетипично поради непотребно земање на антибиотици, аналгетици или спазмолитици.

КАКО СЕ ДИЈАГНОСТИЦИРА ВОСПАЛЕНИЕТО НА СЛЕПОТО ЦРЕВО?

Дијагнозата се поставува пред сè со внимателно земање на историјата на болеста, со клинички преглед и дополнителни иследувања како што се: лабораториски иследувања , ултразвук на стомакот, а понекогаш е потребна и компјутеризирана томографија на стомакот.

Потешкотии при поставувањето на дијагнозата предизвикуваат големиот број заболувања и состојби кои се со слична клиничка слика. Како дијагностички проблем се издвојуваат и трудниците поради новосоздадените соодноси на органите на абдоминалната шуплина-апендиксот има повисока поставенот во зависност од месецот на бременоста. Во случаите кога постои сомневање за воспаление на слепото црево потребно е пациентот внимателно да се набљудува: неговата општа состојба преку прегледи во неколкучасовни интервали, лабораториски иследувања, а по потреба треба да се направат и дополнителни испитувања. Третманот кај овие пациенти зависи од развојот на клиничката слика.

КОЈ Е ТРЕТМАНОТ ПРИ ВОСПАЛЕНИЕ НА СЛЕВО ЦРЕВО?

Кај случаите каде има јасна клиничка слика за акутно воспаление на слепото црево понатамошниот третман е јасен. Се предлага хоспитализација на пациентот, анестезиолошка проценка и оперативен третман со лапароскопски или класичен пристап.

Во случај на лапароскопски пристап, кој е резервиран за некомлицирани случаи на акутен апендицитис, во стомачната шуплина се поставуваат 3- 4 влезни порти преку кои се внесуваат камерата со извор на светлина и потребните инструменти, додека кај класичниот хируршки пристап до полето на оперативниот зафат се пристапува преку хируршко отворање на абдоменалниот ѕид. При оперативниот зафат независно од пристапот, се отстранува слепото црево и се испраќа на патохистолошка анализа. Како и кај секоја друга хируршка процедура, така и во овој случај можни се рани и доцни компликации- инфекција и крвавење од оперативната рана, илеус, а во најтешките случаи со сепса можен е и смртен резултат. По операцијатапациентот заминува дома по еден до три дена.

ВНИМАВАЈТЕ!

– Во случај кога ќе се јави симптоматологија која е сомнителна за воспаление на слепото црево пациентот треба веднаш да се јави на преглед кај матичниот лекар

– Не земајте лекови на своја рака бидејќи тие го отежнуваат процесот на поставување дијагноза.

– Клиничкиот преглед на пациентот е клучниот фактор во поставувањето на дијагнозата на воспалението на слепото црево.

– Како резултат на бројните состојби и заболувања со слична симптоматологија како воспалението на слепото црево , за поставување на точната дијагноза потребен е период на внимателно лекарско набљудување

– Доколку се потврди дијагнозата на воспаление на слепото црево, единствен начин на лекување е хируршкиот. Со секое понатамошно одлагање на лекувањето се зголемува можноста за настанок на компликации кои сериозно може да го загрозат здравјето и животот на пациентот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e