Пуканките со слатки вкусови не се ништо ново, но ретко кој знае да ги направи во домашни услови.
Ако сè уште не сте пробале карамелизирани пуканки, сега е вистинското време да го сторите тоа.
Веројатно веќе имате сè што ви треба од намирници во вашата кујна.
Состојки
100 гр пченка
100 гр шеќер
20-30 гр путер
70 мл млеко
2 лажици вода
малку сол
Подготовка
1. Подмачкајте со масло една длабока и широка тава со капак и додадете ги сувите зрна пченка. Покријте и оставете ја пченката да испука на речиси најголема јачина на вашиот шпорет (на пример 7 или 8 од 9).
2. Префрлете ги пуканките во сад и оставете ги настрана.
3. Додадете шеќер во тавата и полијте го со две лажици вода. Шеќерот ќе се раствори многу брзо. Оставете го да се крчка на тивок оган, а кога ќе стане кафеав додадете го путерот.
4. Кога путерот се стопи, додадете го млекото и промешајте. Оставете го да врие околу десет минути, мешајќи повремено.
5. На крај додадете малку сол. Кога ќе добиете кремаста смеса со жолтеникава боја, ќе знаете дека карамелата е подготвена.
6. Истурете ја карамелата врз пуканките. Покријте го садот со пуканки и добро протресете така што карамелата рамномерно ќе се распредели на сите пуканки. Потоа одделете ги пуканките со прсти и послужете.