Грижите околу студиите, работата, децата, финансиите и едноставно преживувањето нè тераат да „туркаме сè под тепих“ и да немаме време за себе.
Со текот на времето, нашиот имунитет почнува да опаѓа, често се разболуваме, лошо спиеме, нè иритираат ситници кои дотогаш не сме ги забележувале, прескокнуваме оброци, плачеме и сме раздразливи, срцето ни чука сè посилно, а адреналинот скока.
Ова се само некои од проблемите кои ги предизвикува стресот: Несоница и лош сон, хроничен замор, депресија, анксиозност, намален или нагло зголемен апетит, зголемена желба за слатки, сува кожа, коса и слаби нокти, болка во коските и мускулите, главоболки и мигрена
Еве неколку природни решенија за нивно ублажување.
Чај од валеријана
Станува збор за растение кое најчесто се користи во форма на етерично масло или чај, а најчесто се користи за подобар сон. Коренот од валеријана е природен антидепресив, добар е за смирување на анксиозноста, стресот и нервозата. Нејзината ефикасност во справување со стресот е потврдена од лекарите.
Чајот од коренот од валеријана може да помогне за подобар сон, кај раздразливост, предменструални нарушувања, поволно делува при главоболки, болести на желудникот, цревата и висок крвен притисок.
Камилица
Чајот од камилица како природен седатив е веројатно еден од најпознатите на нашите простори. Камилицата има смирувачки својства, има специфичен мирис и вкус, и е богата со антиоксиданси. Токму овие состојки се важни за исфрлање на слободните радикали од нашето тело, кои често се причина за инфекции, болки и други здравствени проблеми.
Флавоноидите од растението имаат способност да влијаат на хормоните адреналин и серотонин и да ги регулираат. Камилицата може да помогне при несоница, но и да ја намали болката и воспалението, да го подобри варењето и да ги намали грчевите кај жените.
Познато е и дека ова растение ја намалува депресијата и анксиозноста. Камилицата може да се користи во форма на чај, екстракт или есенцијално масло.
Матичен млеч
Матичниот млеч е еден од најдобрите начини за зајакнување на имунитетот и е одличен природен седатив.
Со векови се користи за намалување на ризикот од воспаленија бидејќи има високо ниво на витамини Б и дури 23 вида аминокиселини кои спречуваат појава на бактерии и вируси. Покрај тоа што има антибактериско дејство, докажано е дека ја подобрува меморијата и концентрацијата, ја намалува нервозата, стресот и го олеснува сонот. Делува како антидепресив и ја регулира појавата на силни емоции.
Познат е и како состојка која го регулира шеќерот во крвта и го намалува крвниот притисок, кои се исто така некои од симптомите на стресот. Дополнително, го подобрува нивото на енергија, што е пожелно по појавата на хроничен замор после стрес.
Матичниот млеч може да се користи во форма на прав, сируп или капсули.
Лаванда
Етеричното масло од лаванда, сушената лаванда или чајот од лаванда можат да бидат одличен природен седатив.
Состојките како што се линалол и линалил ацетат помагаат за смирување на нервите, опуштање, подобрување на расположението и полесно заспивање. Влијае на регулацијата на нервниот систем и докажано го штити мозокот.
Лавандата има способност да влијае на невролошките нарушувања, но и воопшто, ги намалува симптомите на анксиозност и депресија.
Поради своите антибактериски својства, може да се користи и за подигнување на имунитетот, намалување на болката и други физички тешкотии.
Сето ова нема да ви помогне ако само пиете чај, туку мора да го промените начинот на живот.
Еве 10 одлуки за подобар живот:
1. Пијте вода и незасладени пијалоци бидејќи дехидрацијата создава многу слични симптоми на стресот и може да биде доста опасна.
2. Исхраната богата со витамини ќе го подобри целокупното здравје, ќе го подобри варењето и ќе ја зголеми енергијата.
3. Дури и кратка прошетка низ населбата ја подобрува циркулацијата, го регулира шеќерот, го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести и опушта.
4. Медитацијата може да помогне да се опуштите и да се справите со стресот.
5. Вежбите за дишење можат да бидат одличен природен лек за смирување, а може да се прават секаде, посебна препорака е пред спиење.
6. Освежете ја просторијата во која престојувате со навлажнувач во кој може да ставите неколку капки етерично масло.
7. Вежбањето може да биде одличен начин за справување со стресот и нервозата.
8. Оставете го мобилниот телефон еден ден и земете книга.
9. Најдете време за себе, за вашите драги луѓе и за вашето хоби.
10. Споделете ги вашите проблеми со најблиските и не двоумете се да побарате помош од стручно лице.