Високите температури кои надминуваат 41 степен во сенка можат да бидат опасни за бебињата и малите деца. Потребно е да се разладат просториите во кои живеат, но и да се внимава температурната разлика помеѓу надворешната температура и температурата во просторијата да не биде поголема од 10 степени.
Хало бебе вели дека нема причина за грижа или страв од клима уредите, под услов да се користат правилно.
Ладниот воздух не смее да дува директно на бебето
Пред сè, треба да размислите за местото каде што е инсталиран клима уредот. Уредот никогаш не треба да дува ладен воздух директно врз лице или дете.
Најдобро е индиректно да се олади просторот, односно да се постави климата во просторија каде што детето не престојува.
Обрнете внимание на температурната разлика
Не треба да има преголеми температурни разлики помеѓу надворешната температура и температурата во просторијата. Разликата може да биде од 5 до 10 степени.
Користете климатизери со хепа филтри
Треба да користите квалитетни климатизери со хепа филтри и уреди кои вовлекуваат 100 проценти од воздухот од надворешната средина, го ладат и внесуваат во просторијата.
Потребен е редовен сервис
Уредите треба редовно да се сервисираат од овластен сервис кој се придржува до препораките и упатствата од техничкиот прирачник, а филтрите треба редовно да се мијат и дезинфицираат.
Внимавајте да не добиете температурен шок
Просторијата сепак треба да се вентилира редовно, секој час по неколку минути.
Не се препорачува ненадејно да се извади детето од оладената просторија во надворешната средина, за да се избегне таканаречениот „температурен шок“ и колапс. Потребно е да ја исклучите климата и да ги отворите прозорците околу 30 минути пред да излезете надвор за постепено да се изедначи температурата.
Истото важи и кога се влегува однадвор во многу разладени простори, што може да биде многу непријатно и опасно за детето, а таквите ситуации треба да се избегнуваат.
Посебна претпазливост кај автомобилите
Истите препораки важат и за употреба на клима уреди во автомобилите. Никогаш не оставајте го детето само во автомобил, ниту за момент, температурата за неколку минути може да достигне екстремно високи вредности кои се опасни по животот на детето, пренесува rts.rs.