Грицкањето нокти е опасно по здравјето, еве зошто

Нема човек кој изгледа убаво кога ги грицка ноктите, а од друга страна, голем број луѓе го прават токму тоа. Ако не сакате да им испратите порака на луѓето дека имате проблеми во животот, можеби треба да се откажете од оваа навика.

Грицкањето нокти може да биде знак за емоционална нерамнотежа, се вели во текст објавен во Американскиот весник за ортодонција и стоматолошка ортопедија.

Иако е многу вообичаено, грицкањето нокти или онихофагија е еден вид знак дека сте исцрпени или вознемирени и може да предизвика други стресни однесувања поврзани со устата, како што се џвакање моливи, гризење усни или пушење.

„Покрај тоа што е показател за тивок стрес, гризењето нокти може да предизвика низа здравствени проблеми“, вели д-р Адам Фридман, вонреден професор по дерматологија на Универзитетот Џорџ Вашингтон.

Инфекции

Ако каснете преголемо парче, можете да ја изложите чувствителната кожа под ноктот на бактерии и други патогени во устата, а ги има доста. „Нашите усти се полни со бактерии, така што лесно може да се заразите“, вели д-р Фридман.

Една од најчестите форми на инфекција е паронихија и може да предизвика оток, црвенило, болка и гнојни грутки.

Воспаление

„Хемискиот состав на плунката им овозможува на маснотиите и другите молекули на храна да се распаднат и иако помага во варењето, може да ја оштети кожата и да предизвика воспаление на прстите. Слично на тоа, лижењето на усните може да предизвика пукање бидејќи плунката ја кородира кожата“, објаснува д-р Фридман.

Болести

Иако изложувањето на прстите на бактерии од устата е лоша работа, преносот на бактерии од прстите во устата е веројатно уште полош.

„Нашите раце доаѓаат во контакт со секакви остатоци и патогени, а понекогаш има и нечистотија заглавена под ноктите“, објаснува д-р Фридман. Ова може да доведе до разни видови инфекции, од обична настинка до сериозен стомачен вирус.

Враснати нокти

На прстите има слој од кој извираат сите клетки на ноктите. Грицкањето или инфекциите поврзани со грицкањето може да го оштетат тој слој, што може да доведе до хронични случаи на враснати нокти или деформитети.

Брадавици на лицето

Брадавици на рацете, нозете и другите делови од телото не се невообичаени. Иако е непријатно, неспоредливо е полошо да се појави на лицето или вратот, а со грицкање на ноктите, инфективниот материјал на брадавицата многу лесно може да се пренесе токму таму.

Проблеми со забите

Хроничното грицкање на ноктите може да го деформира или уништи коренот на забот, предизвикувајќи негово искривување. Може да се појават и фрактури на забите, како и заболување на непцата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e